Линкови за пристапност

Шеви Волт – автомобил на годината


Шеви Волт – автомобил на годината
Шеви Волт – автомобил на годината

На авто-шоу во Детроит во понеделникот Шевролет Волт беше прогласен за Северноамерикански автомобил на годината, прв електричен автомобил што се приклучува на струја кој ја добил таа престижна награда во индустријата. Тоа беше добра вест за американската компанија што го произведува автомобилот, Џенерал Моторс, што неодамна излезе од банкротство и владата помогна во нејзино спасување.

Шеви Волт може да патува 64 километри на батерии што се полнат пред да се вклучи бензиски генератор кој го продолжува возењето на над 450 километри. Во ЏиЕм мислат дека следната генерација на Волт ќе биде во состојба да оди уште подалеку, со супериорна батерија што држи два пати повеќе енергија.

Компанијата штотуку потпиша лиценцен договор за употреба на нова литиум-јонска батериска технологија развиена во Националната лабораторија Аргон, што е владин истражувачки објект. Претседателот на Џенерал Моторс Џон Локнер вели дека потегот има голем потенцијал за целата електро-производна линија на ЏиЕм, сеедно дали се работи за целосно електрични возила, електрични возила со продолжена километража или хибридни возила со батерија што се полни.

ЏиЕм сега е во состојба да употребува нов композитен катоден материјал, комбинација од литиум и манган оксид, во своите литиум-јонски батерии. Новата батерија може да собере два пати повеќе струја отколку конвенционалните батерии. Тоа значително ќе ја зголеми километражата на возилото и ќе ја редуцира цената, правејќи ги електричните автомобили поатрактивни за конзументите кои бараат енергетски поефикасен превоз. Локнер вели дека сето тоа е многу ветувачко.

Со подеднакво голема надеж на иднината гледа и Мохамед Аламџир, истражувачки директор за ЕлЏи Чем, компанија што ја снабдува ЏиЕм со батерии за електричните автомобили и која исто така потпиша договор со Аргон. Тој вели дека новата фабрика што сега се гради ќе започне со масовно производство на новата батерија во 2012. Аламџир вели дека сепак технологијата бара усовршување.

Новата композитна катода на ЏиЕм може да и` даде поттик во обидот да фати чекор со азиските автопроизводители, кои во моментов доминираат на пазарот за електрични автомобили.

Кети Зои, вршител на должност потсекретар за енергија во американскиот Стејт Департмент вели дека Шеви Волт илустрира како владина инвестиција во истражување и развој како и применета комерцијализација може да се исплати во економски развој и креација на работни места. Таа додава дека развивање на електричен автомобил и други индустрии на чиста енергија исто така ќе помогне да се намали американската зависност од странска нафта и ќе се стават сопирачки на загадувањето со јаглероден диоксид што е причина за климатските промени.

XS
SM
MD
LG