СКОПЈЕ – Четворица приведени и едно лице повикано на разговор во полициска станица.Ова е епилогот од акцијата на МВР која на барање на Обвинителството а во рамките на предистрагата за скандалот на Клиниката за Онкологија. Извршени се претреси на три локации вклучувајќи и канцеларии во Клиниката.
Според првичните и неофицијални информации меѓу приведените е екс директорот на Клиниката, Нино Васев, медицинска сестра и вработен на Клиниката. Неофицијално меѓу осомничените е и поранешниот економски директор на Клиниката Нехат Нухи.
Од Обвинителството потврдија дека приведувањата и претресите се на барање на јавен обвинител но се воздржаа од детали околу приведените, причините за приведување како и идентитетот лицето кое е повикано на службен разговор.
Директорката на Клиниката за Онкологија Виолета Клисарова и организацискиот директор, Халид Матоши уверуваат дека Клиниката работи нормално и на сите пациенти им се пружаат редовните здравствени услуги.
„Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, изјави Клисарова.
Во Обвинителството сеуште тече предистрагата која поради својата обемност ја водат двајца обвинители. Сослушани се голем број на сведоци а според информациите на Гласот на Америка ангажирани се и експерти кои помагаат при следењето и утврдувањето на текот на набавки на неколку цитостатици и начинот на складирање и дистрибуција со цел да се утврди прецизно дали има малверзации со терапијата на тешко болните пациенти и доколку има, кој ги сторил и во кој обем.
Тимови на МВР, на 1 септември, упаднаа во Клиниката за Онкологија и извршија претрес во голем број на канцеларии откако Обвинителството, по написите во медиумите за манипулации, малверзации и препродажба на скапата цитостатска терапија, отвори предистрага по допрен глас. Иако приведени во тој момент немаше одземена беше обемна документација и компјутери.
Медиумите повикувајќи се на изјави на пациенти известуваа дека скапата цитостатска терапија се краде и се препродава на црно во Северна Македонија но и во соседно Косово а некои тврдења на пациенти беа и дека се сомневаат оти нивните најблиски наместо терапија добивале физиолошки раствор.
Ова ја згрози и ја разгневи јавноста па следуваа протести на семејства на тешко болните пациенти кои потоа добија и политичка конотација откако една партија директно се вмеша во организација на протестите.
Во Собранието пак се формираше анкетна комисија со која претседаваше пратеничката од ВМРО -ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, а чија единствена задача беше да се утврди дали има политичка одговорност во скандалот. Во рамките на Комисијата беа сослушани сегашни и поранешни министри за здравство, како и актуелното и поранешното раководство на Клиниката за Онкологија.
Докторот Васев сведочеше пред Комисијата и кажа дека не чувствува одговорност и немал информации дека цитостатската терапија се краде од клиничката аптека и се продава на црниот пазар или пак на пациентите им се давал физиолошки раствор наместо терапија.
Детално беше проучен и извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), изработен во април минатата година, во кој беа нотирани огромен број на пропусти и забелешки околу начинот на набавка, складирање и евидентирање на цитостатската терапија но и систематизација во Клиниката и отсуството на стручен колегиум кој треба да одлучи кој пациент каква терапија ќе прима. Политичка одговорност не се утврди бидејќи немаше политичка волја и договор меѓу членовите на Комисијата од владејачките партии и опозицијата.