Решавањето на Рубиковата коцка не е само игра. Тоа е доказ за човечката генијалност и возбудата за освојување на невозможното. Четиринаесетгодишниот Ѓорѓи Чешмеџиевски од Скопје, може да намести Рубикова коцка за пет секунди. Тој е најмалиот шампион во Северна Македонија, а во 2018 година во Тирана на седумгодишна возраст го постигнал првиот рекорд.
„Љубовта за коцките ми започна во 2015 година кога ја добив мојата прва коцка во мојата колекција и тој ден беше како љубов на прв поглед. Моите родители мислејќи дека како и секогаш кога ќе ми купат нова играчка ќе ја сакам само две недели, па потоа нема да ја сакам веќе, но тогаш имаше нешто различно со Рубиковата коцка“, вели ученикот Ѓорѓи Чешмеџиевски.
Младиот Ѓорѓи досега освоил 59 медали на домашни и меѓународни натпревари.
„Досега сум бил во Бугарија, Албанија, Грција, скоро целиот Балкан веќе го поминав и следниот натпревар ќе ми биде за една недела во Босна и Херецговина“, додаде Чешмеџиевски.
Најголемата поддршка Ѓорѓи ја има од своите родители, но и од соучениците и наставниците. Неговиот татко Ристо Чешмеџиевски е основач на Македонската Кјубинг Асоцијација.
„Тоа беше една асоцијација со која што и ние во Македонија организираме исто натпревари. Досега сме организирале четири натпревари, се надевам ќе има повеќе. Во периодот на короната застанавме во тој процес бидејќи не беше возможно да се решаваат коцките, меѓутоа мислам дека ќе биде добро во иднина“, изјави Ристо Чешмеџиевски, татко на Ѓорѓи.
Чешмеџиевски за Гласот на Америка вели дека никогаш не е доцна за да се научи местење на Рубикова коцка
„Секој што сака да научи Рубикова коцка, може да се научи. Еве јас ќе бидам пример бидејќи јас не знаев да местам Рубикова коцка, Ѓорѓи ми покажа дека е можно да се научи и секој може да научи да решава Рубикова коцка, тоа не е некаква специјална работа да се научи, меѓутоа да научи за брзо решавање на Рубикова коцка треба многу труд и работа со години“, смета Ристо Чешмеџиевски, татко на Ѓорѓи.
Рубиковата коцка ја создал Унгарецот Ерне Рубик во 1974 на кого му требало цел месец за да го реши сопствениот изум.
Facebook Forum