Линкови за пристапност

Чеченија и тероризмот


Конфликтот во Чеченија од пред две децении на почетокот беше националистички, но брзо почна да добива исламистички карактер

Чеченија, една од неколку мали републики со мнозинско муслиманско население од рускиот Северен Кавказ, беше сцена на два крвави конфликти меѓу сепаратистички бунтовници и руската влада за последните две децении.

Во 1994, тогашниот руски претседател Борис Јелцин испрати 100 илјади руски војници во Чеченија да го фатат сепаратистичкиот лидер на регионот, Џохар Дудајев. Таа воена интервенција иницираше двегодишен конфликт во кој беа изгубени животи на неколку илјади руски трупи и десетици илјади чеченски цивили. Дудајев беше убиен во руски воздушен напад во април 1996.

Во 1999, наследникот на Јелцин, претседателот Владимир Путин, повторно воено интервенираше во Чеченија, откако исламистички милитанти направија вооружен упад во соседниот регион Дагестан. Конфликтот однесе најмалку 5.000 животи на руските трупи, и 25.000 до 50.000 цивили.

Иако чеченското бунтовништво на почетокот беше главно националистичко, брзо почна да добива исламистички карактер. Лидерот на бунтовничкото радикално крило, Шамил Басајев, работел заедно со џихадистички милитанти како Ибн-Катаб, од саудиска националност поврзан со ал-Каида на Осама бин Ладен, кој се борел против советските трупи во Авганистан во 1980-те и заминал да се бори во Чеченија кон средината на 1990-те. Басајев беше убиен во јули, 2006.

Во 2002, чеченски милитанти зазедоа театар во Москва и 129 заложници беа убиени кога безбедносните сили се обиделе да ги ослободат. Во 2004, милитанти лојални на Басајев зазедоа училиште во градот Беслан во Северна Осетија, друга република во рускиот Северен Кавказ. Повеќе од 330 лица, половина од нив деца, беа убиени во опсадата.

Исто така во 2004, во неколку бомбашки напади на московското метро беа убиени десетици лица, кои се смета дека биле изведени од самоубиствени бомбаши од Северен Кавказ.

На 24 август 2004, два руски авиони експлодираа во воздух симултано. Властите подоцна кажаа дека авионите биле соборени од бомби детонирани од две чеченски жени-самоубијци, а во септември Басајев ја презеде одговорноста за авионите.

Додека исламистичките бунтовници беа помалку активни во Чеченија во последно време, главно благодарение на цврстото раководство на про-московскиот лидер на Чеченија Рамзан Кадиров, тие продолжуваат да изведуваат напади целејќи на полицијата и други официјални лица во соседните републики на Северен Кавказ, вклучувајќи го Дагестан, Ингушетија и Кабардино-Балкарија.

Тие исто така нападнаа руски цели надвор од Северен Кавказ: во јануари 2011 исламистички милитант од Ингушетија изведе самоубиствен напад во московското Домодедово убивајќи 37 лица.
XS
SM
MD
LG