Официјални лица од сојузната држава Вирџинија прогласија вонредна состојба пред одбележувањето на првата годишнина од националистичкиот собир на белците во градот Шарлотсвил.
Гувернерот Ралф Нортам и локалните власти, објавија дека вонредната состојба ќе биде во сила од петок до недела, и ќе се однесува на Шарлотсвил и на северните делови на сојузната држава Вирџинија, кои се близу до главниот град Вашингтон.
Нортам ја опиша вонредната состојба како „административна алатка“ за брзо мобилизирање на ресурсите, вклучувајќи ја и национална гарда, во случај на избувнување на немири.
Раководителот на полицијата во Вирџинија, Гери Сетл, рече дека викендов на должност ќе бидат распоредени повеќе од 700 војници, и тие „ќе бидат целосно подготвени да дејствуваат“ за да спречат насилство.
Собирот „Обединување на десницата“ беше организиран во Шарлотсвил во 2017-та година од страна на бели националистички и неонацистички групи во знак на протест поради плановите за отстранување на статуата на командантот на Конфедеративните сили за време на Граѓанската војна во САД, Роберт Е. Ли.
Настанот привлече противници и имаше судири на двете спротивставени групи во кои загина триесет и двегодишниот контра-протестант, Хедер Хајер.
Подоцна загинаа и двајца полицајци, откако се урна нивниот хеликоптер.
Обвинителот Тим Хеипи ја критикуваше работата на официјалните претставници, велејќи дека не успеале во заштитата на човечки животи.
Во Шарлотсвил се закажани неколку настани за да се одбележат случувањата од мината година и да се промовира расно помирување.
Facebook Forum