Линкови за пристапност

Чарлс Капчан: обете страни да бидат подготвени да дадат, но и да добијат

  • Ведран Андоновски
  • Глас македонски

Чарлс Капчан: обете страни да бидат подготвени да дадат, но и да добијат

Чарлс Капчан наведува дека не го изразува само својот, туку и ставот на многумина американски аналитичари

Чарлс Капчан наведува дека не го изразува само својот, туку и ставот на многумина американски аналитичари кога вели дека е крајно време да се реши спорот. Тој е свесен за потешкотиите и за тоа што се` друго освен името може да имплицира прашањето, но коментира:

„Прашањето за јазикот и етничката припадност на Балканот е мошне комплицирано. Никој нема да ги реши спротиставените тврдења преку ноќ. Потребната состојка е зрелост и дисциплинираност. Време е обете страни да се откажат од играта на обострано обвинување и да се зафатат со задачата да го решат прашањето“.

Директорот на европски истражувања во Советот за односи со странство има и конкретна препорака како да се стори тоа:

„Потребна е креативност, да се најде формула со која Македонците сметаат дека го зачувале својот културен, историски идентитет. Мислам дека најдобриот збор би бил решение со кое ќе се спаси образот за Грците. Да бидеме реални – она што се случи е дека прашањето ескалираше и доби поголемо значење отколку што заслужува“.

Капчан не гледа што повеќе би можеле да сторат САД, особено кога се зафатени со други прашања:

„САД чинат добро кога го изразуваат своето мислење, притискаат врз страните, но ги оставаат главните преговори на ОН и на ЕУ. САД се во позиција кога имаат полн дневен ред, особено во Авганистан, Ирак и на Блискиот Исток, и се вртат кон Европа да преземе поголем товар на Балканот. Ова прашање, посекако, е едно од оние во кои Европејците треба да предничат“.

Што мисли за ставот дека Македонија е ставена во ситуација да избира меѓу членство во НАТО и ЕУ и името?

„Мислам дека тоа ја става Македонија во тешка и неблагодарна позиција и затоа е ургентно Македонците и Грците да седнат заедно и да стават крај на овој спор“.

Капчан верува дека обете страни почнале да увидуваат дека е време за пресврт:

„Би ги охрабрил обете страни да бидат подготвени да дадат, но и да добијат. Обете да не доаѓаат со црвени линии и услови, туку, едноставно, да се каже: доволно беше. Ајде да продолжиме со животот и да најдеме компромис“.

XS
SM
MD
LG