Линкови за пристапност

Новинарски протест против цензурата


Новинарите реагираат и бараат почитување на законот: МВР тврди дека немало наредба за ограничување на движењето на новинарите ни забрана за снимање на протестите

Откако трите новинарки Марија Митевска од Радио Слободна Европа, Сашка Цветковска од ТВ Нова и Мери Јордановска од неделникот Фокус, го пријавија инцидентот со насилното бришење на видео и фото-материјали на протестите во Ѓорче Петров, на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, оттаму излегоа со соопштение дека Внатрешна контролата не открила дека „некој им наредил на новинарите да бришат фотографии и снимки“.

Новинарките тврдеа дека додека професионално го следеле настанот, кој беше под информативна блокада на провладините медиуми, припадници на полицијата насилно им ги избришале снимените материјали, а на нивно барање, според законските норми, да им се издаде потврда за одземањето, биле вулгарно навредувани со „зборови.... недолични за полициски службеници“.

Но, денес МВР соопшти дека постапката на Внатрешната контрола утврдила дека „службени лица од МВР не наредиле бришење фотографии и видеоснимки при протестите во Ѓорче Петров“, како и дека „новинари добивале закани за бришење снимени материјали од учесниците во немирите, па тие барале помош од полицијата“.

„Во текот на вчерашниот и денешниот ден, беше извршен службен разговор со тројца полициски службеници кои раководеа со Оперативниот штаб при МВР задолжен за координирање на активностите во врска со обезбедувањето на протестите во Општина Ѓорче Петров. Извршен е службен разговор и со седуммина полициски службеници од Единицата за јавен ред и мир при СВР Скопје, како и Командантот на Единицата за брзо распоредување, неговиот помошник, командирот на чета и 21 припадник на единицата. За сите 34 извршени разговори, изготвени се соодветни службени белешки. Утврдено е дека од страна на МВР, односно, од претпоставените старешини не постои никаква наредба за ограничување на движењето на претставниците од медиумите, ниту пак забрана за снимање на протестите“, се вели во официјалното соопштение на МВР.

Официјално, МВР не може да утврди дали дел од полициските службеници им бришеле материјали и ги навредувале новинарите, но МВР ги проверувало веб-страниците на трите медиуми и констатирало дека од инцидентите во Ѓорче Петров на сите три медиуми биле објавени и снимки и фотографии од протестите на 20 мај.

По повод кршењето на слободата на медиумите, соопштение испрати и Здружението на новинарите на Македонија, според кое, „вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречи новинарите да известуваат за настанот и се стави во улога на цензор кој решава што смее а што не да види македонската јавност“. Од ЗНМ очекуваат МВРда го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, со што „ќе спречи во иднина да се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата“.

Реагираше и претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ која изрази длабока загриженост во врска со однесувањето на полициските службеници кон новинарите на задача. „Новинарите мора да бидат во можност да покријат демонстрации слободно и без страв од малтретирање. Секое прекршување на правата на новинарите е јасно кршење на правото на слобода на медиумите и не може да се толерира", порача Мијатовиќ, која ги повика македонските власти брзо да го испитаат инцидентот и да преземат чекори „за да се осигура дека службите за спроведување на законот ги почитуваат правата на преставниците на медиумите".
XS
SM
MD
LG