СКОПЈЕ – Дали Арбен Таравари ќе остане претседател на партијата Алијанса за Албанците ќе се знае на 18 февруари кога партискиот Конгрес ќе одлучува по иницијативата за негово разрешување која денес ја поднесе централното собрание на партијата чиј претседател е Зијадин Села.
Грубо кршење на статутот гласи официјалната причина за иницијативата која доаѓа по расколот во партијата откако Таравари даде поддршка на албанската опозициска коалиција „Европски сојуз за промени“ на претстојните парламентарни избори.
На денешната седница на Централното собрание за поведување на иницијатива гласаа 106 од вкупно 108 присутни делегати на Собранието. Еден беше воздржан а еден против. На седницата беше министерот за правда Кренар Лога и директорот на Агенцијата за запленет имот Дритон Небиу како и неколку пратеници.
„Чекавме да дојде претседателот Таравари таму каде што припаѓа, а тоа е во Централното собрание како највисок орган помеѓу два конгреси. Тој не дојде. Според тоа, бевме принудени да одлучуваме по предлог на дел од членовите дека првата точка на дневниот ред, односно отчет од претседателот Таравари за сработеното, е беспредметна. Отчетот на претседателот се замени со иницијатива за разрешување на претседателот, според членот 38 од Статутот на партијата“ изјави претседателот на Централното собрание и екс-лидер на Алијанса, Зијадин Села.
Села кажа дека одлуката за поддршка на опозициската коалиција била еднострана без консултација со членството.
„Одлуките за коалиции не се прават преку статуси на социјалната мрежа „Фејсбук“ туку се зборува со членството и претседателството и потоа се носи одлука на Централното собрание, без да се прави шоу на социјалните мрежи. Зацртана и во програмата ќе биде, дека најпрвин кој било да биде мандатар за нова власт, прво треба да се случат уставните измени, па потоа да се оди на формирање на влада“, потенцираше Села и откри дали претендира повторно да го заземе лидерското место.
Пред почетокот на седницата претседателот на Централното собрание на партијата, Зијадин Села, кажа дека мнозинството на делегати и присутно и дека од нив очекува одговорно носење на одлуки во интерес на партијата.
„Очекувам нормално работење на тоа што подразбира Собрание на партијата и тоа што подразбира одговорност на секој член на Централното собрание на партијата да одлучува за партијата и за одлуките кои треба да се донесат во партијата. Ова е органот каде се носат конечните одлуки и тоа се очекува и денес. Да имаме мнозинство. Секој сам ќе се изјасни преку глас“, изјави Села.
Судирот а потоа и расколот во Алијанса за Албанците почна кога претседателот на партијата Арбен Таравари, преку социјалните мрежи, соопшти дека дава поддршка на опозициската коалиција „Европски сојуз за промени“ која ја сочинуваат партиите „БЕСА“, „Алтернатива“ и „Демократско движење“ што подразбира и заеднички настап на претстојните парламентарни избори. Екс претседателот Села пак се спротивстави на оваа одлука и кажа дека Алијанса за Албанците треба да настапува самостојно како што пред неколку месеци одлучи Централното претседателство на партијата.
Села пред една недела ја закажа седницата на Централното собрание а Таравари пак како контра одговор закажа друг состанок кој се одржа завчера во Куманово.
Вчера нешто пред полноќ, на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, во Собранието со 62 гласа „ЗА“ беа разрешени министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу кои во расколот во Алијанса застанаа зад актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари.
Новите предлози за министри – за здравство Илир Демири и за информатичко општество Наим Бајрами – се луѓе кои се дел од крилото на екс-шефот на Алијанса и актуелен претседавач со Централното собрание на партијата, Зијадин Села.