Линкови за пристапност

Оваа зима ќе биде најтешка во здравствена историја на САД, предупреди директорот на Центрите за контрола и превенција на болести


Државата вчера регистрираше 100.000 хоспитализации како последица на вирусот, првпат од почетокот на пандемијата

Повеќе од 100 светски лидери и владини официјални лица ќе одржат дводневен виртуелен состанок во Генералното собрание на Обединетите нации, за да разговараат за справување со пандемијата на ковид-19.

Идејата е да се формира мултилатерална стратегија во државите, приватниот сектор и производителите на вакцини, со цел да се организира заздрвувањето од последиците на пандемијата, објави Асошиетед прес.

Денешниот состанок доаѓа во време кога светот се доближува до речиси 1,5 милиони смртни случаи од коронавирус, и 64,5 милиони заразени.

САД се први во светот според бројот на заразени, или над 13,9 милиони случаи на ковид-19, како и повеќе од 273.836 починати.

Државата вчера регистрираше 100.000 хоспитализации како последица на вирусот, првпат од почетокот на пандемијата, според Проектот за следење на ковид.

Директорот на Центрите за контрола и превенција на болести Роберт Редфилд, предупреди на тешка зима наредните месеци.

„Реалноста е дека декември, јануари и февруари ќе бидат тешки“, рече Редфилд, додавајќи дека верува оти ќе биде најтешко време во здравствената историја на САД.

Тој, исто така, предупреди на притисок врз болниците, кои имаат недостиг од кревети и се соочуваат со исцрпен персонал.

Поранешниот претседател Барак Обама, пак, рече дека ќе ја прими вакцината против ковид-19, кога ќе биде одобрена како безбедна и ефективна.

Во радио интервју закажано да се емитува денес, тој вели дека размислува да ја прими вакцината на телевизија, како дел од кампањата за едуцирање на Американците, кои се скептични околу имунизацијата, особено Афроамериканците.

Си-ен-ен објави дека и поранешните претседатели Џорџ Буш и Бил Клинтон размислуваат да се вакцинираат пред камери.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG