Линкови за пристапност

Подземни чуда


Сталактити во пештерата Гленвуд во Колорадо
Сталактити во пештерата Гленвуд во Колорадо

Пештерите од дамнина го привлекуваат човека.

Пештерите – своевидна ризница на потсвеста на нашата имагинација. За претците, тие не биле само засолниште, туку и симбол на матката, влез во подземниот свет, место за чуда и мистерии.

И денес го предизвикуваат нашиот интерес, и научен, и авантуристички.

Има милиони пештери во светот, на секој континент, во речиси секоја земја. Тие се дом на најчудните суштества на планетава – пајаци без очи, бактерии што се хранат со водород, црви што светат, но и многу други што допрва чекаат да бидат откриени.

Фред Луснер, спелеолог од Универзитетот на Колорадо во Болдер, наведува дека дури и научниците што се бават со вселенски истражувања се заинтересирани за она што се крие во подземниот свет на пештерите.

„Доколку најдат живот на други планети или месечини, најверојатно ќе биде сличен на она што го наоѓаме во пештерите“, вели Луснер.

Ретка форма на лигава, отровна бактерија што личи на слуз
Ретка форма на лигава, отровна бактерија што личи на слуз

Во темните подземни одаи научниците открија микроби што имаат потенцијал да бидат регрутирани во борбата против ракот. Но, дел од животот во пештерите може да биде – смртоносен.

Сулфурната пештера Стимбоут Спрингс во Колорадо е дом на лигава, токсична бактерија што виси од ѕидовите. Нејзините колонии личат на слуз. Бактеријата се развива благодарение на сулфурните испарувања и лачи киселина, така што пештерата е опасна за неупатените.

„Веднаш губите свест. Доколку останете во таква средина еден или два часа – настапува смрт“, вели Луснер.

Микробите не се единствените жители на пештерите. Во Колорадо научниците неодамна окрија малечка, црвена, лажна скорпија. Често престојуваат мечките и лилјаците. Всушност, една од првите работи на која внимаваат спелеолозите е да не ги нарушат колониите на лилјаци.

„Лилјаците хибернираат и ако ги разбудите зимно време, излегуваат во потрага по храна – инсекти, но бидејќи е погрешно време на годината, не можат да ги најдат и затоа умираат од глад“, раскажува Марк Маслин, геолог и спелеолог од Колорадо.

Малечка, црвена, лажна скорпија, откриена неодамна во пештерата Гленвуд
Малечка, црвена, лажна скорпија, откриена неодамна во пештерата Гленвуд

Поради тоа, пештерите во САД со големи колонии на лилјаци се затворени за посетители. Има и друга причина: мистериозната смртоносна болест, наречена Синдром на бел нос, што однесе над 400.000 лилјаци во САД од 2006-та. Кога колонијата ќе се инфицира, умираат над 90% од неа, велат во Американската управа за рибен фонд и дивина.

Научниците како Марк Маслин се обучени да ја одржуваат својата опрема неконтаминирана и така да спречат избивање на болеста. Во чизми и со шлем на главата, тој влегува во одаја на пештерата Колорадо Спрингс што помогнал да биде откриена.

Грмушка антодит во пештерата Колорадо Спрингс
Грмушка антодит во пештерата Колорадо Спрингс

Со помош на лампата на шлемот – единствен извор на светлина што го користи, Маслин покажува на половина метар широкиот тунел зад кој се крие вистинско богатство за очите – трнлив кристален цвет, повисок од човекот. Тоа е грмушката антодит. Маслин вели дека во минатото авантуристите ги земале ваквите примероци со себе.

За да ги заштити богатствата, пештерата има мото: Не земајте ништо, освен слики, не оставајте ништо зад себе, освен стапалки, а не убивајте ништо друго, освен времето“.

Во пештерата Гленвуд, на самиот влез е поставена врата што помага да се сочува нејзината природна свежина и влажност. Прво што туристичкиот водич им го кажува на посетителите е да не допираат ништо во пештерата. Потоа, еден по еден, влегуваат во темната одаја. Во некои делови на Гленвуд, влажноста на воздухот е 90%. Од сталактитите се цеди она што со којзнае колку години и им помогнало да се формираат – капки вода.

„Ако капне на вас, се смета за среќен знак, го нарекуваме бакнеж на пештерската самовила“, вели туристичкиот водич.

XS
SM
MD
LG