Линкови за пристапност

САД ќе испратат „специјализирани“ сили во Ирак


Целта е да им се спротистават на милитантите на Исламската држава

Секретарот за одбрана Еш Картер вели дека САД распоредуваат „специјализирана експедициска единица“ чијшто фокус ќе биде поголем притисок врз милитантите на Исламската држава и со капацитет да извршува рации преку границата, во Сирија.

За време на распитот во Комисијата за оружени служби при Претставничкиот дом, Картер истакна дека единицата би им помогнала на ирачките и курдските сили Пешмерга во борбата против организацијата Исламска држава. Првиот човек на Пентагон додаде дека распоредувањето е изведено во соработка со ирачката Влада.

„Овие специјалци со тек на време ќе можат да изведуваат рации, да ослободуваат заложници, да прибираат разузнавачки материјал и да притвораат лидери на ИСИЛ“, изјави Картер. „Единицата воедно ќе биде во позиција да изведува унилатерални операции во Сирија“.

Тој не ја обелодени бројноста на единицата, само дека ќе биде помногубројна споредено со малата група американски војници, одделно распоредени во Сирија, како поддршка на опозиционите сили кои се борат против Исламската држава.

Претседателот Барак Обама во октомври годинава, даде зелено светло нешто помалку од 50 американски специјалци да ги координираат сириските локални воени движења со коалиционите напори под американско водство.

Картер кажа дека силите се „подготвуваат“ да започнат операции во Сирија, но одби да даде дополнителни детали.

XS
SM
MD
LG