Линкови за пристапност

Карневалска еуфорија во Македонија


Со викенд на карневали во Струмица и во Припеп, Македонија ги одбележа религиозниот празник Велики поклади – Прочка и почетокот на големиот велигденски пост.

Велики поклади – Прочка, кај православните христијани е празник на меѓусебно простување меѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Празникот се одбележува седум недели пред Велигден и претставува манифестација на искрената и пожртвувана љубов кон ближните како и на безусловното и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Величенствениот огномет, традиционалниот маскенбал и избор на принц и принцеза, со прогласување на најдобра маска, и секако, поворката на 2.500 маскирани учесници низ улиците на градот и на централниот плоштад, викендов беа дел од неколкудневните свечености во Струмица, за кои целиот град се подготвуваше со месеци наназад.
Годинава на Струмичкиот карневал учествуваат 40-ина групи од Македонија, Турција, Бугарија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Албанија, а магијата на карневалот не стивнува со денови.

Во неделата на Прочка беше одржан и детски карневал, денес е „Чист понеделник„ кога се готви и јаде белиот грав, а ќе се одржи и
фестивал на афоризам и карикатура. Утре ќе бидат врачени наградите за најдобри маски, а петдневната карневалска еуфорија ќе заврши во среда со традиционалната манифестација „Тримери“ на која се чествуваат „армасаните“ - се посетуваат домовите на верените девојки.

И во Прилеп се одржа тридневниот
традиционален карневал „Прочка“, со дефиле на мажоретки и блех музика, како и со учество на поединечни и групни маски на околу 2.000 учесници од Македонија, Албанија, Србија и Бугарија, со што се одбележа започнувањето на седумнеделниот велигденски пост што трае од Прочка до Велигден. Или, како што најавија организаторите, „на Прочка во Прилеп секој може да биде што сака – од човек – камила, од старица – дете, од маж – невеста, од просјак – цар, од мечкари – дар мар... Прочката е приказ на хаосот, од кој светот настанал, ден за многу мајтап, страв и приказна“. Прилеп со својот карневал од 2006-та година е член на Асоцијацијата на карневалски европски градови, и манифетсацијата, освен за негување на традицијата, е насочена и кон развојот на туризмот. Затоа, во духот на карневалот, викендов, локалите имаа продолжено работно време, а од посетителите се барало да бидат маскирани.
XS
SM
MD
LG