Линкови за пристапност

Научниците откриле „Ахилова пета“ на ракот


Истражувачите велат дека сега можат да ги идентификуваат и насочат антигените на туморот

Нова студија објавена во списанието Science, направена од истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека има подобро разбирање за комплексноста на генетиката на канцерогените тумори, што може да доведе до нови и моќни лекарства за имунотерапија.

Истражувачите велат како што туморите растат „нивната генетска грешка може да биде обележана на површината на клетките на ракот“ и дека некои од овие знаци, наречени антигени „ја претставуваат најраната мутација на оваа болест и се прикажуваат на сите клетки на туморот, наместо на една подгрупа на клетките на туморот.“ Овие заеднички мутации се клучни за нов пристап кон терапија.

Истражувачите ги опишуваат мутациите на ракот како гранки на дрво, а првите се случиле во стеблото на болеста“. Подоцнежните мутации не се гледаат во сите клетки на ракот, велат истражувачите. Таквите промени му овозможуваат на ракот да создаде отпорност на лекови и да ги избегне нападите од Т-клетките од имунолошкиот систем на телото.

„Имунолошкиот систем на телото реагира како полиција и ги напаѓа криминалците (ракот). Генетички различните тумори се како банда инволвирана во различни криминални дела од грабеж до криумчарење“ вели Серџо Куезада, ко-автор на студијата и научник од Велика Британија кој се занимава со истражување на ракот и шеф на имунолошката регулатива и имунотерапевтска лабораторија за рак на Институтот за рак. „Имунолошкиот систем се бори да се задржи на врвот на ракот исто како што и е тешко на полицијата да се справи со ситуација кога многу работи се случуваат во исто време.

„Нашето истражување покажува дека наместо бесцелно да трагаме по криминалците низ соседствата, можеме на полицијата да ѝ дадеме информација дека треба да дојде до најважната личност која го организира криминалот или најслабата точка во туморот на пациентот, за да се искоренат проблемите засекогаш“.

Истражувачите велат бидејќи сега можат да ги идентификуваат и насочат антигените на туморот кои се во секоја ќелија на ракот, високо персонализирани имунотерапии можат да бидат развиени за да го нападнат ракот.

„Многу години истражувавме како имунолошкиот одговор на ракот се регулира без јасно разбирање што е тоа што имунолошките клетки го распознаваат кај канцерогените ќелии. Базирано на овие наоди, ние ќе бидеме во можност да му кажеме на имунолошкиот систем како да ги распознава и како да ги напаѓа туморите“ вели Куезада.

XS
SM
MD
LG