На минатогодишниот самит на Г7 во Сицилија, претседателот на САД Доналд Трамп, беше во конфликт со своите колеги главно поради климатските промени. На овогодишниот годишен состанок, којшто ќе започне во петок во Канада, спорот ќе биде околу царините.
Европските и канадските учесници и натаму негодуваат околу одлуката на Трамп да наметне царини за увоз на челик и алуминиум.
Американскиот претседател ќе се најде без сојузник, кога станува збор за ова прашање, велат европските и канадските дипломати.
Дури и британската премиерка Тереза Мај, стави јасно на знаење дека не ја одобрува одлуката. За време на 30-минутен телефонски разговор, таа на американскиот претседател му порачала дека царините за металите на ЕУ се „неоправдани и длабоко разочарувачки“ и побарала Европејците да бидат изземени.
Но, зад обединетиот фронт на неодобрување, постојат и големи несогласувања меѓу американските сојузници, особено меѓу Европејците за тоа како да одговорат и дали да преземат повратни чекори. И ако е тоа случај, какви контра-мерки треба да се воведат. Несогласувањата делумно произлегуваат од различни толкувања за тоа кој е мотивот на претседателот на САД.
Дали Трамп реагира опортунистички и е непредвидлив, привлекувајќи го вниманието на домашната американска публика, со цел да обезбеди краткорочни придобивки, или има долгорочна стратегија, која е всушност спротивна на глобалниот систем за слободна трговија што Вашингтон во голема мера ја обликуваше и ја поддржуваше од крајот на Втора светска војна, наваму?
Дали тој сака да ги промени или „повторно да ги балансира“ условите за глобална слободна трговија, преку користење на американското влијание, со цел преструктуирање на правилата, или пак, има намера целосно да го уништи системот базиран на правила, притоа создавајќи слобода за сите, што им овозможува на најголемите, најмоќните земји да ја искористат својата моќ во целост и да обезбедат подобри договори притоа укинувајќи ги трговските бариери што ги попречуваат во намерите?
Франција е меѓу оние кои најмногу се залагаат за контра-мерки спрема САД.
Како што јавува Си-Ен-Ен, францускиот претседател Емануел Макрон пред неколку дена имал телефонски разговор со Трамп, а неидентификуван извор на Белата куќа, дискусијата ја опишал како „ужасна“.
Германија, која има голем трговски суфицит со САД и која од најновата ситуација, може многу повеќе да загуби споредено со повеќето европски држави. Ова е особено случај, кога станува збор за автомобилската индустрија, налагајќи му на Берлин да биде внимателен како ќе постапи. Најголемо стравување за германските авто-производители е дека „одмаздата“ на ЕУ ќе резултира САД да наметнат царини за германските возила.
Среде сиот бес и гнев во Европа околу царините, и во услови на немање единство за тоа како да се одговори, се чини дека спорот нема да се реши неделава. Официјални лица во САД велат дека очекуваат долги преговори и дури се сомневаат дека на крајот од Самитот ќе биде издадена заедничка изјава, нагласувајќи барем во очите на набљудувачите, Г7 се` повеќе има изгледи да стане Г6 плус 1.
Facebook Forum