Египетската државна новинска агенција МЕНА го цитира потпретседателот Омар Сулејман како вели дека кризата предизвикана од 16-дневното протестирање против Мубарак на плоштадот Тахрир мора да заврши „што е можно поскоро“. Сулејман зборувал доцна во вторникот пред група уредници на египетски весници.
МЕНА вели дека Сулејман на уредниците им кажал дека присуството на анти-Мубарак активисти и станици на сателитска телевизија на плоштадот ги прави египетските граѓани да се двоумат дали да одат на работа и го пореметува секојдневниот живот. Тој ги обвини сателитските телевизиски станици за „навреда“ на Египет, без да ги именува.
Но, Сулејман исто така е цитиран дека рекол оти владата не сака да се справува со египетското општество употребувајќи „полициски средства“ и дека преферира дијалог за барањата на протестантите.
Стотици илјади луѓе се собраа на плоштадот во Тахрир во еден од најголемите протести во двонеделното востание со кое се бара моментална оставка на Мубарак кој е на власт близу 30 години. Илјадници останаа на плоштадот и во среда, откако минаа уште една ноќ во привремени засолништа.
Други активисти протестираа втор ден пред египетскиот парламент, неколку улици подалеку од плоштадот. Некои спиеја на земја преку ноќта во обид да го блокираат приодот во зградата. Тие бараа оставка на законодавците избрани кон крајот на минатата година во гласање за кое велат дека било наместено во корист на владеачката партија.
Мубарак на протестите одговори со соопштение дека нема да се кандидира за шести мандат на септемвриските избори и понуди други политички отстапки, но протестантите ги отфрлија како недоволни.