Денес на ред се сенатските сослушувања на предложените кандидати на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за раководители на Одделот за внатрешни работи и Одделот за образование.
Предложениот секретар за внатрешни работи, Рајан Зинке ќе сведочи пред Комисијата за енергија и природни ресурси.
Зинке е поранешен член на елитните морнарички сили, и се залага сопственоста на јавното земјиште да остане под федералната влада. Неговиот став е во спротивност со оној на Републиканската партија која се залага за приватизација, или ставање на федералното земјиште под контрола на сојузните држави.
Позицијата на Зинке е иста со она на Доналд Трамп, кој не мисли дека јавното земјиште треба да биде ставено под контрола на сојузните држави.
Многу групи за заштита на животната средина се спротивставуваат на Зинке, кој исто така се залага за користење на јавното земјиште за експлоатација на енергија и минерали и искажа скептицизам за непосредната закана од климатските промени.
Одделот за внатрешни работи има повеќе од 70.000 вработени, и располага со 20 проценти од федералното земјиште, вклучувајќи ги националните паркови.
Номинираната секретарка, Бетси Девос ќе се појави на сослушување пред Комитетот за здравство, образование, труд и пензиско осигурување.
Таа е филантроп, милијардер од Мичиген која раководи со застапничката организација Американска федерација за децата, која се залага за проширување на образовната програма со која со владини пари се плаќа за образование во приватните училишта.
Таа е позната по нејзината критика за синдикатите во образованието, и за време на Републиканската национална конвенција ги нарече „опасен непријател“
Националната образовна асоцијација, која е најголемиот синдикат се спротивставува на Девос. Претседателот Ескелсен Гарсија во соопштение кажа дека откако била објавена номинацијата на Давос во ноември „се случило поткопување на јавното образование, а не поддршка на студентите.“
Пред инаугурацијата на Трамп во петокот, Сенатот ќе биде зафатен и со сослушување на другите предлози за раководни функции.