Линкови за пристапност

Иселениците влеваат една милијарда евра во Македонија


Иселениците влеваат една милијарда евра во Македонија
Иселениците влеваат една милијарда евра во Македонија

Наместо вложување во рекламни кампањи за привлекување на странските инвеститори, економистите ја повикаа Владата да инвестира во поддршка на иселениците.

Околу една милијарда евра, што претставува 20% од БДП, во државата ги внесуваат македонските иселеници.

Според анализите на дел од економистите, овие средства се многу поголеми од странските инвестиции за чие привлекување, пак, Владата троши многу пари. Наместо вложување во рекламни кампањи за привлекување на странските инвеститори, економистите ја повикаа Владата да инвестира во поддршка на иселениците.

„Владата и сите ние цело време зборуваме за тоа колку странските директни инвестиции се важни за Македонија. Приватните дознаки во сите години, освен во 2001-ва година, биле многу поголеми од инвестициите. Тоа е буквално една сума пари која влегува во Македонија како подарок за Владата. Таа не прави ништо за да ги добие“, изјави Ванчо Узунов, универзитетски професор.

„Приватните трансфери се два-три, а некои години и шест пати повисоки од странските инвестиции. Иселениците најчесто испраќаат суми во висина од 500 до 2.000 долари. Сепак, точната сума пари што емигрантите ја испраќаат во земјава е тешко да се утврди, бидејќи половина од парите се внесуваат преку неофицијални канали“, тврди професорот Абдулменаф Беџети.

Семејствата на иселениците најголемиот дел од парите го користат за покривање на животните трошоци. Околу 160.000 семејства во Македонија живеат само од дознаките од нивните роднини од странство. Малкумина се оние кои одлучуваат овие пари да ги инвестираат во бизнис поради лошата бизнис-клима во државата, за што се пожали иселеникот Гоце Јосифовски, кој наишол на голем отпор при обидот да инвестира во хотел во Берово.

Од Агенцијата за иселеништво истакнуваат дека многу македонски иселеници водат успешни бизниси во земјава и ветија поддршка за сите меѓу нив кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија. Според официјалните податоци, низ светот живеат 465.000 македонски државјани, но реалниот број најверојатно е многу поголем.

XS
SM
MD
LG