Линкови за пристапност

Почина Џорџ Херберт Вокер Буш – 41-от претседател на САД


ВАШИНГТОН — Џорџ Х. В. Буш, 41–от претседател на САД, почина во неговиот дом во Хјустон, Тексас. Портпарол на семејството издаде соопштение доцна во петокот.

Поранешниот претседател имаше 94 години, со здравствени проблеми последните неколку години, страдајќи од форма на Паркинсонова болест и други болести.

Во живот на светската сцена и на највисоките нивоа на американската политичка сцена, Буш загуби и победи на избори пред да стане американски лидер во In 1989, и тогаш, со ослабување на американската економија и растечка невработеност ја загуби трката за реизбор на функцијата по четири години во Белата куќа, во 1992.

Тој го одбележа почетокот на неговото претседателствување со инаугуративната декларација дека “нов ветер дува, и светот освежен од слободата изгледа повторно роден; не само што е факт, туку во срцето човекот чувствува дека времето на диктаторот заврши. Тоталитарната ера завршува, старите идеи се однесени со ветрот како лисја од старо, безживотно дрво”.

Овие зборови се покажаа точни, со паѓањето на Берлинскиот ѕид и колапсот на Советскиот сојуз, набрзо по неговото стапување на функцијата. Буш се сретна со советскиот лидер Михаил Горбачев кусо време по падот на Берлинскиот ѕид, а нивните разговори на Малта се сметаат за важен чекор кон потпишувањето на Стратешкиот договор за намалување на оружјето во 1991, од страна на двајцата лидери.

Ракување во Белата куќа на 1 јуни, 1990.

За време на неговите четири години во Белата куќа, Буш нареди воена акција во Панама за соборување на лидерот што тргуваше со дрога, Мануел Нориега. Подоцна, тој испрати трупи на Блискиот исток да го спречи ирачкиот диктатор Садам Хусеин во обидот да го заземе богатиот со нафта Кувајт. Тоа беше висока точка во неговото претседателствување, кога рејтингот кај американските гласачи му порасна на рекордни 89 проценти, и со огномет над Вашингтон беше оддена почит за успешната мисија.

Во подоцнежна рефлексија, влегувањето на Буш во Кувајт се сметаше за нешто помалку од тотална победа, бидејќи многу од ирачките трупи беа потиснати назад на нивна територија, а не заробени и убиени, и Хусеин остана на власт, за многу години подоцна да биде соборен со инвазија во 2003 наредена од неговиот син, претседателот Џорџ В. Буш.

Постариот Буш кажа дека отфрлил соборување на ирачката влада бидејќи тоа би имало “немерлива човечка и политичка цена. Ние би биле присилени да го окупираме Багдад и фактички да владееме со Ирак”.

Новоизбраниот претседател со неговата сопруга, Барбара, на победнички собир во Хјустон, Тексас, на 8 ноември 1988.

Рана определба за служење на државата

Определбата на Буш за државата дошла рано во неговиот живот. Тој бил пилот во морнарицата во Втората светска војна, напаѓајќи јапонски цели на возраст од 18 години, победнички во една од најголемите воздушни битки, Битката на Филипинското море. Подоцна, неговиот авион бил погоден и тој скокнал од него кога моторот се запалил. Бил спасен во водите во близина на Бонинските Острови.

На патот до претседателска функција, Буш бил на повеќе клучни позиции. Републиканските претседатели често го нарекувале најквалификуван човек во американскиот јавен живот.. Служел како американски амбасадор во Обединетите нации во раните 1970-ти, претседател на Републиканскиот национален комитет кусо време потоа, а потоа и главен американски пратеник во Кина кон средината на 1970-те. Подоцна станал директор на Централната разузнавачка агенција.

Тој не бил секогаш успешен политичар. Во 1964 ги изгубил изборите за американскиот Сенат од Тексас, каде подоцна основал нафтена компанија. Ги добил изборите за место во Претставничкиот дом пред да изгуби уште една трка за Сенатот. Тој пораз го стави на патека кон низа номинации на високи позиции во 1970-те.

Поранешниот претседател Џералд Форд му дава поддршка на републиканскиот претседателски кандидат Роналд Реган, и на потпретседателскиот кандидат Џорџ Буш, на последниот ден на кампањата во Пеорија, Илиноис, на 3-ти ноември, 1980.

Потпретседателски кандидат на Роналд Реган

Буш се обиде да ја добие републиканската номинација во претседателска трка во 1980, и загуби од тогашниот гувернер на Калифорнија, Роналд Реган. Реган потоа го избра Буш за потпретседателски кандидат во две успешни национални кампањи, во 1980 и повторно четири години подоца.

Уставот не дозволува претседател да биде избран повеќе од два пати едноподруго, така што по истекот на осумте години на Реган, Буш се кандидираше во 1988, и го порази демократскиот номиниран кандидат Мајкл Дукакис.

Поранешниот претседател Џорџ Х. В. Буш и поранешниот претседател Бил Клинтон во посета на Буш, во Кенебанкпорт, Мејн, на 25-ти јуни, 2018.

Четири години подоцна, Буш изгуби од гувернерот на Арканзас, Бил Клинтон. Тие подоцна станаа пријатели.

Американскиот претседател Џорџ В. Буш во Овалната канцеларија за прв пат по инаугурацијата, на 20-ти јануари, 2001, заедно со Буш постариот

Почитуван државник

Во неговите пензионерски денови, Буш беше сведок како еден од неговите два сина два пати беше претседател, и тоа беше втор пат во американската историја татко и син да да бидат лидери на САД. Буш доживеа да го види отварањето на неговата претседателска библиотека во Колеџ Стејшн, Тексас, и беше нашироко почитуван како постар државник. На неколкупати, додека беше во инвалидска количка заради Паркинсоновата болест, тој мораше да се извини заради некоректно допирање на жени кои стоеле до него откако ќе им кажел сексуално сугерирачки шеги.

Буш беше оженет 73 години со поранешната Барбара Пирс, жената што ја сретнал како тинејџер. Тоа е најдолг брак меѓу американски претседателски двојки. Таа почина на 92 години, во април 2018.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG