Линкови за пристапност

Со бугарски пасош во потрага по подобар живот


Неофицијално 100 до 150.000 македонски граѓани добиле двојно, македонско- бугарско државјанство

Андреј е 21 - годишен студент од Македонска Каменица, мало градче во источниот дел на Македонија, на половина пат од Кочани и Делчево. Веќе три години студира на Електротехничкиот факултет во Скопје, но својата иднина не ја гледа во својата професија. Вели, не ја гледа ниту во Македонија. Веќе една и пол година чека одговор од Софија дали оваа желба ќе му се исполни. Го чека својот бугарски пасош.

„Олеснителна околност ми беше што мајка ми веќе има бугарско државјанство. Се надевам на позитивен одговор. Но пред да заминам, сепак ќе го завршам факултетот тука, иако имам уште многу. Се надевам дека трудот што го вложувам во овдешното образование ќе ми се исплати во странство“, раскажува тој, иако признава дека засега нема идеја каде би заминал, освен дека тоа најверојатно ќе биде земја од англиското говорно подрачје. Една од опциите му е да замине во САД, преку програмата „Ворк енд Тревл“, а потоа ќе размислува за трајно решение.

Но, Андреј е само еден од огромниот број жители на Источна Македонија кои се одлучиле на ваков начин да тргнат по светот во потрага по својата иднина. Официјалните податоци говорат дека рекордер во жители со двојно, македонксо- бугарско државјанство е Делчево, каде дури 70 проценти, освен македонски, имаат и бугарски пасош. Следуваат Струмица и Охрид.

Посредниците за оваа улуга велат најмногу од нивните клиенти како дестинации ги споменуваат Швајцарија, Италија, Америка.

„Најмногу се земаат пасоши од економски причини, но јас имам и луѓе кој се познати политичари, директори, лекари кои работат овде, но сепак сакаат друг пасош и се свесни дека да се користат правата на друга држава е благодетна работа“, вели Делчо, кој веќе 15 години се занимава со посредништво.

Во нашата потрага по причините, зошто бугарскиот пасош стана најчест избор за македонските граѓани во потрага по егзистенција, наидовме на луѓе од различна возраст и различни професии. 44- годишниот Сашо од Скопје е правник, кој веќе неколку години поседува ваков пасош и во моментов ги разгледува опциите каде најдобро може да заработува од својата професија. Но, вели , подготвен е за почеток да работи што било, се додека не се снајде.

„Принуден бев да извадам бугарски пасош, бидејќи овде нема работа за сите и битна е партиската книшка. Ако ја немаш, нема да се вработиш, а и ако ја имаш, еве како на пример, јас, пак не си сигурен дека партијата ќе те вработи “, вели Сашо.

Македонка и Илија повеќе од шест години имаат двојни пасоши. Ги извадиле додека имале вносен приватен бизнис во Македонија, со цел да го прошират и во друга земја. Но, пред неколку години, нагло останале без извор на егзистенција, и сега ова петчлено семејство размислува да замине од земјава.

„Живееме од изнајмување на недвижностите што ги спечаливме додека работата добро ни одеше, но сето тоа не е доволно за да ги школуваме трите деца. Планираме до крајот на годинава уште еднаш да се обидеме да почнеме некој бизнис тука, но сепак иднината ја гледаме надвор, веројатно на југ“, вели Македонка.

Иако бугарските пасоши станаа атрактивни уште пред десетина години, кога Македонија не беше опфатена со визна либерализација, се уште нема точна официјална статистика колку македонски граѓани досега поседуваат ваков пасош. Во јавноста се шпекулира со бројка од 100 до 150.000. Единствената статистика доажа од европскиот статистички завод – Еуростат, според која, околу 100 македонски државјани во 2013 година ги поминале потребните процедури и добиле државјанство на соседна Бугарија, односно, Македонците се трети на листата најбројни по добиени државјанства во Бугарија.

Македонија не може ништо да стори да го спречи овој процес. Тоа неодамна го призна и вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

„Не можеме формално да го спречиме овој процес, бидејќи со Уставот е дозволено двојно државјанство. ЕУ има минимум осум пати поголем стандард од земјите во регионот, па само со забрзувањето на евроинтеграцијата ќе се смени тоа“, изјави Бесими на брифинг со новинарите.

XS
SM
MD
LG