Линкови за пристапност

Наследството на Бжежински


Во Вашингтон погребан американскиот дипломат со полско потекло, Збигњев Бжежински, кој имаше големо влијание во оформувањето на американката надворешна политика

Денеска во римокатоличката катедрала Свети Матеј во Вашингтон беше погребан американскиот дипломат и политички стратег, Збигњев Бжежински.

Бжежински беше советник за национална безбедност на претседателот Џими Картер од 1977-ма до 1981-ва година. Тој исто така служеше и како советник на претседателите Линдон Џонсон и Џон Кенеди.

Во септември 1976-та, новоизбраниот претседател на САД, Џими Картер го објави својот избор за советник за национална безбедност. Чекорот не изненади никого. Како советник во изборната кампања на Картер, Бжежински помогна тој да извојува победа.

„Картер многу му веруваше на Бжежински. Бжежински беше оној кој го образуваше Картер за надворешната политика, долго пред тој да стане претседател.“ вели Клаус Ларес, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Северна Каролина.

Бжежински е роден во Варшава, син е на полски дипломат, а американски државјанин станал во 1958-та година. Подоцна тој се застапуваше за цврста политичка линија.

Неговиот анти-советски став имаше големо влијание во надворешната политика на САД, смета Ларес:

„Тој заедно со Кисинџер ја обликуваше американската надворешна политика, од 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите години“.

Како советник за национална безбедност, Бжежински бил вклучен во донесувањето на сите главни одлуки во надворешната политика на САД за време на администрацијата на Картер, вклучувајќи го Договорот за Панама, вооружувањето на муџахедините во Авганистан за да се борат против советската инвазија и планирање на пропадната мисија за спасување на 52 Американци кои беа киднапирани во Иран.

„Тој го охрабруваше Картер да ја прифати мисијата за спасување. Се разбира не беше лична вина ниту на Бжежински, ниту на Картер што хеликоптерите се урнаа, тоа нема никаква врска со донесувањето на политичката одлука, но тие не можеа да избегаат од лошите последици што уследија потоа“.

Бжежински остана професионално активен се' до неговата смрт на 26-ти мај, издавајќи книги и коментирајќи политички прашања. Во интервју за украинската редакција на Гласот на Америка во 2009-та година, тој ги предупреди лидерите во Киев:

„Денес, имаме олигархиска елита во Украина, која е на платниот список на странски интереси, тоа е манипулирање со богатството на земјата во сопствена корист и која не е вистински посветена на формирањето на национална украинска демократија“.

Ларес додаде дека Бжежински ги предупредувал САД да не се откажуваат од глобалното лидерство, бидејќи тоа ќе доведе до немири и нестабилност во целиот свет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG