Линкови за пристапност

Бесими и Попоски во Брисел на средби со Филе и Ховит


Како понатаму со пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ?

Како понатаму со пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ? На ова прашање денеска се бараше одговор на средбата во Брисел меѓу шефот на македонската дипломатија Никола Попоски и вицепремиерот Фатмир Бесими со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

„Тоа што го констатиравме е дека значајни реформи се спроведени во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Целта ни е што е можно пофокусирано и посодржински да го искористиме овој период, како кога би биле во фаза на преговори. Мислам дека оваа дискусија беше корисна за да ги погледнеме перспективите на сите во однос на оние реформи што ни се значајни во процесот на преговори“, изјави Попоски за МИА по средбата

Според Бесими, на средбата се разговарало за постигнувањата во досегашниот период од извештајот на ЕК за Македонија и заклучоците од Самитот на Европскиот совет во декември.

„Меѓу другото, го споменавме и постигнатиот договор и измените на Изборниот законик, донесен со консензус од поголемите политички партии од власта и опозицијата во нашата земја. Потоа, се говореше и за измените во Законот за медиуми и продолжување на дијалогот со новинарите, како и измените во законите за јавната администрација и завршувањето на процесот на ревизија на НПА за 2014-та година. Тема на разговор беа и приоритетите, како и динамиката за продолжување со Пристапниот дијалог на високо ниво“, изјави Бесими

Бесими и Поповски во Брисел се сретнаа и со известувачот во ЕП за Македонија, Ричард Ховит, кој вчера успеа да добие поддршка од неговите колеги во ЕП за нацрт-резолуцијата за Македонија што бара Македонија што поскоро да ги започне преговорите за членство и да направи напредок во сферата на слободата на изразувањето, независното судство и борбата портив корупцијта.

Во соопштението од кабинетот на Филе стои дека ЕК ќе го продолжи Дијалогот на високо ниво што треба да се зајакне во наредниот период, за да придонесе Македонија да зајакне реформски во периодот пред објавувањето на наредниот извештај во октомври годинава.

Филе, како и ЕП, побарал примена на првомартовскиот договор, реформи во сферата на слободата на медиумите, судскиот систем и изборното законодавство.
XS
SM
MD
LG