Линкови за пристапност

Желба или реална можност?


Аналитичари во Брисел за заложбата на ЕК за почеток на преговорите за членство.

Извештаите на Европскaта комисија за напредок на земјите од Западниот Балкан, како и стратешкиот документ за проширувањето, внесоа бран на ентузијазам за можностите за забрзување на проширувањето на Европската унија кон Балканот.

Посебен акцент во оваа смисла се става на Извештајот за Македонија и заложбата на ЕК, изразена во текстот за почеток на преговорите за членство. Како што е познато, ЕК препорача почеток на преговори за членство на Македонија во ЕК со гаранции за решавање на спорот за името со Грција во раната фаза на преговарачкиот процес за членство. Оваа одлука на ЕК ја појаснува портпаролот на еврокомесарот за проширување, Петер Стано.

“Oна што ние го велиме е дека двете страни навистина треба да најдат решение, статус кво ситуацијата не е погодна. Ние препорачуваме отворање на преговорите, затоа што, помеѓу другите работи, ова исто така ќе создаде погодна почва за изнаоѓање на решение за проблемот со името и ние сме подготвени да предложиме таква иницијатива, предлог за преговарачка рамка која мора да го има предвид справувањето со овој проблем во многу рана фаза на процесот. Ние ги отвораме преговорите, но не го оставаме овој проблем за крајот на процесот, туку навистина да се справиме со него на почетокот на пристапниот процес, на почетокот на преговорите”, вели портпаролот на ЕК.

Ваквиот пристап, според аналитичарите, е новина што му дава нов квалитет на Извештајот за напредок.

Аналитичарот Ѓорѓи Готев од организацијата Еурактив вели: “Новото оваа година, според мене, е најавената можност да се деблокира позицијата на Македонија во однос на почетокот на преговорите. Во моментов е познат меморандумот кој Грција предлага да биде потпишан, ние чувме дури и како еврокомесарот Филе се залага за преговори за Македонија врз база на тој меморандум. Колку што разбирам, идејата е, на основата на еден потпишан меморандум, Грција да се согласи да започнат преговорите. Планот е Грција да има можности за блокада на преговорите во текот на процесот, но, сепак, идејата е преговорите да започнат, и, по можност, брзо, во кратки рокови да се реши проблемот со името”.

Наспроти оптимизмот на едни, други сметаат дека добрата волја на ЕК не значи дека ќе се успее да се отпочнат преговори бидејќи тие зависат од односот на силите во Европскиот совет кој препораката на ЕК ќе ја разгледа на заседанието во декември.

“Во случајот со Македонија, оптимизмот на ЕК и нивната констатација не значи многу. Македонија веќе петта година е подготвена за отворање на преговорите што се однесува до ЕК, но не ги отворила. Јас не би сметал премногу на оптимизмот на комесарот Филе. Секоја година слушаме од комесарите за проширување дека тие се оптимисти, особено околу Македонија. Мислам дека ситуацијата е таква што барем оваа година не се очекува никаков исчекор во однос на пакетот за проширување. Дури и таму каде што има поместувања, препораките се условени и како такви нема да поминат во Советот”, вели дописникот на Јутарњи лист од Хрватска, Аугустин Палокај.

Една од тезите која го подгрева оптимизмот за можноста овојпат препораката за почеток на преговори да успее е и ситуацијата во која се наоѓа Грција, зависна од помошта на влијателните земји - членки на ЕУ.

“Јас не мислам дека има разлика, мислам дека Грција има некакви проблеми, за кои сите знаеме, знаеме за кризата, но тоа сето нема влијание врз политиката кон Македонија, тие две работи се наполно разделени. Единствената разлика, според мене, е што Грција ќе ја игра улогата на претседавач наредната година и како таква Грција би сакала да си ја заврши работата добро. И се отвара една можност, која според мене, Скопје треба да ја исползува макисмално. Ако почнат преговорите, тоа, според мене, ќе биде огромен успех”, наведува Готев од Еурактив.

Според него, она што овојпат ќе натежне во корист на Македонија е загриженоста која владее меѓу земјите - членки дека одлагањето на преговорите сериозно ќе го разниша кредибилитетот на европските интаграциски процеси, што, само по себе, во случајот на Македонија носи ризик од нови нарушувања на фрагилните меѓуетнички односи.

“Комесарот Филе тоа го спомна со голема сериозност, а тоа е нужноста да почнат преговорите поради етничките тензии во Македонија што тука создава големо неспокојство, тука во Брисел зборуваме, не знам како се чувствуваат во Македонија. Потребата да се реши проблемот е многу голема од гледна точка на стабилноста на Македонија. Тоа не е проблем на Грција, тоа е проблем на Македонија”, вели Готев.

Една од темите која е актуелна деновиве е и можноста Бугарија како земја - членка да изрази резерви во однос на одобрувањето на почетокот на преговорите поради чувството за неконструктивноста на официјално Скопје во однос на развивањето на добрососетските односи. Ова е причина и за најавената посета на комесарот Филе на официјална Софија.

„Не исклучувам можност Бугарија да го отвори ова прашање на Европскиот совет. Доаѓаат избори во Бугарија, а национализмот се продава. Значи, возможно е, јас можам да си претпоставам. Ако Македонија не покаже добрососедски односи со Бугарија, таква варијанта е можна. Атина и Софија во моментов имаат заеднички непријател, а тоа е Скопје, за кое сметат дека ја краде историјата“, вели Готев од Еурактив.

Во Извештајот за Македонија оваа година внимание сврти и заложбата на ЕК активно да се вклучи во олеснување на процесот за изнаоѓање на решение за името. Сепак, аналитичарите сметаат дека ЕК нема капацитети да одигра таква улога.

„Мислам дека комисијата нема капацитет ниту углед да биде добар посредник и потпомагач, го имаме случајот на Хрватска и Словенија. Комисијата проба, Комисијата за девет поглавја зборуваше дека Хрватска ги исполнува критериумите, а Словенија секогаш блокираше, се` додека Американците не се вмешаа, и, во име на ЕУ, тогашното шведско претседателство. Сега знаеме, затоа што отворено зборуваат како дошло до спорот и начинот на решавање. Значи, прашањето не е решено, но е договорен начинот на решавање. Главната улога ја одиграа Американците и Франција и Германија, затоа што во тоа време Хрватска требаше да влезе во НАТО, а Словенија мораше да ратификува. Комисијата е, едноставно, извршно тело на ЕУ, може да ја анализира ситуацијата, да даде некои препораки, но тука нејзината моќ завршува“, вели Палокај.

Конечниот одговор на дилемите - дали желбата на ЕК за почеток на преговори овојпат е базирана на реални шанси, или пак е само добра намера, ќе ја дадат шефовите на држави и влади на 27-те земји - членки кои ќе се состанат во декември во Брисел.
XS
SM
MD
LG