Линкови за пристапност

Не стивнуваат реакциите по нападите во Брисел


Оланд: Војната против тероризмот треба да биде предводена од цела Европа

Не стивнуваат реакциите по нападите во Брисел. Францускиот претседател Франсоа Оланд преку порака на Твитер, истакна дека преку овие напади, беше погодена цела Европа.

Како и бројни други европски лидери, лидерот на Франција понуди поддршка за Владата на Белгија, со зборовите дека војната против тероризмот треба да биде предводена од цела Европа.

Претседателот Барак Обама од Хавана изјави дека САД ќе сторат се` што е потребно за пријателот Белгија, за одговорните да бидат изведени пред правдата. „САД остануваат солидарни со Белгија во време на овие ужасни напади против невини луѓе“.

Обама потоа имаше телефонски разговор со белгискиот премиер, Чарлс Мишел, изразувајќи сочувство за жртвите во името на американскиот народ. Белата куќа соопшти дека претседателот притоа на Белгија ја понудил целокупната поддршка на САД, како и помош во истрагата на нападите и изведување на сторителите пред правдата.

Меѓу повредените има најмалку девет Американци, а претседателот Обама нареди знамињата пред владините згради во САД да се симнат на половина копје.

Од седиштето на НАТО во Брисел се огласи и Генералниот секретар Јенс Столтенберг, потенцирајќи дека Алијансата на овој црн ден останува рамо до рамо со сојузникот Белгија.

Тој додаде дека овој кукавички акт со трагично губење на човечки животи, е напад на демократските вредности и отворени општества, додавајќи дека тероризмот нема да ја порази демократијата и да ја одземе слободата.

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Таск, кажа дека шокиран од нападите и ја понуди поддршката на Европа.

Британскиот премиер Дејвид Камерон ги осуди нападите и рече дека Европа треба да остане обединета против терористичката закана. „Никогаш нема да дозволиме терористите да победат“, истакна тој.

Шефот на кабинет на германската канцеларка, Ангела Меркел, Питер Алмаер, повика на солидарност со Белгија и преку Твитер кажа дека терористите нема никогаш да победат, како и тоа дека европските вредности се многу посилни од омраза, насилство и терор.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Закхарова соопшти дека политиката на, цитираме, двојни стандарди на Западот, довела да се случат терористичките напади, а замрзнатите дипломатски односи меѓу НАТО и Русија, ја забавиле борбата против тероризмот. Кремљ сепак изрази сочувство за загинатите и понуди солидарност.

XS
SM
MD
LG