Организацијата Исламска држава, ја презеде одговорноста за трите експлозии во Брисел, при што загинаа најмалку 30, а повредени се 130 други.
„Ова е црн момент за нашата држава. Ве молам сите да останете мирни и да покажете солидарност“, изјави белгискиот премиер Шарл Мишел.
Претседателот Барак Обама од Хавана порача дека САД остануваат солидарни со Белгија во врска со овие „ужасни напади врз невини луѓе“.
Новинската агенција Белга соопшти дека пред првите две експлозии на градскиот аеродром, во околу осум часот по локално време, се слушнале истрели и зборови на арапски.
Еден час подоцна, се случила и третата експлозија, на подземната железничка станицата Малбек, во близина на седиштето на Европската Унија.
Сите летови кон и од Брисел се откажани и целата подземна железница е затворена. Белгиските власти го кренаа нивото на терористичка претпазливост на највисоко ниво. Истото го сторија и надлежните органи во Франкфурт, Лондон, Париз и Амстердам, го засилија обезбедувањето на нивните аеродроми.
Нападите во Брисел се случуваат неколку дена откако белгиската полиција го уапси Салах Абдеслам, главниот осомничен за ноемвриските терористички напади во Париз, во коишто загинаа 130 лица, а 300 беа повредени.
Макс Абрамс е професор по политички науки на Универзитетот Нортвестерн, и експерт за тероризам. За Гласот на Америка тој изјави дека нападите се најверојатно дел од операции, коишто биле планирани пред апсењето на Абдеслам, и сега само се изведени.