ЛАХАИНА, Хаваи – Мобилен тим на мртовечница им помага на властите на Хаваи кои работат на идентификување на жртвите. Округот на Мауи ги објави првите имиња на загинатите во шумскиот пожар што пред една недела изби во историскиот град Лахаина. Бројот на жртви се искачи на 106.
Локалните власти ги обелоденија дел од имињата на жртвите, откако нивните семејства ги идентификуваа.
Одделот за здравство и човечки услуги на САД распореди тим од судски лекари, патолози и техничари заедно со маси за испитување, единици за рендген и друга опрема за да се идентификуваат жртвите и да се процесираат остатоците, рече Џонатан Грин, заменик-помошник секретар на Агенцијата за одговор.
„Тоа ќе биде многу тешка мисија“, рече Грин. „И трпението ќе биде неверојатно важно поради бројот на жртвите“.
Екипи со кучиња трагачи пребарале околу 32 отсто од областа, соопшти во вторникот округот на Мауи.
Гувернерот на Хаваите, Џош Грин, побара трпение. Тој предупреди дека може да се најдат уште десетици тела. Шумските пожари, од кои некои сè уште не се целосно локализирани, веќе се најсмртоносните во САД во повеќе од еден век.
Прашан од „Hawaii News Now“ дали има деца меѓу исчезнатите, Грин во вторникот рече: „Да, трагично... Кога телата се помали, знаеме дека се деца“.
Една недела откако пожарот ја зафати историската Лахаина, многу преживеани почнаа да се преселуваат во хотели наменети за раселените локални жители.
Гувернерот на Хаваите рече дека пламените јазици се движеле со брзина од 1,6 километри секоја минута во една област, поттикнати од сува трева и силни ветрови од ураган.
Пожарот што ја зафати Лахаина ја уништи речиси секоја зграда во градот кој брои 13 000 жители. Според властите, пожарот е 85% локализиран. Друг пожар познат како пожар во Апкантри беше 60% локализиран.
Според пресметките на „ Karen Clark & Company“, пожарот во Лахаина предизвика штети од околу 3,2 милијарди долари во загуби на имот. Ова сепак е имот кој подлежи на осигурување, и во оваа пресметка не е влезен имотот кој не е под осигурување. Компанијата за моделирање на катастрофи и ризик соопшти дека повеќе од 2 200 згради биле оштетени или уништени од пламените јазици, а околу 3 000 се оштетени од пожар или чад.
Црвениот крст соопшти дека од понеделникот 575 евакуирани се распоредени во пет засолништа. Грин рече дека на илјадници луѓе ќе им треба домување најмалку 36 недели. Тој рече дека се достапни околу 450 хотелски соби и 1 000 изнајмени имоти преку платформата „Airbnb“.
Претседателот Џо Бајден во вторникот рече дека тој и првата дама Џил Бајден ќе ги посетат Хаваите „што е можно побрзо“, но не сака неговото присуство да ги прекине напорите за закрепнување и чистење. За време на посетата во Милвоки за да ја истакне својата економска агенда, Бајден вети дека „секое богатство што им е потребно ќе биде тука за нив“.
Според Федералната агенција за управување со вонредни состојби, повеќе од 3 000 луѓе се регистрирани за помош, а се очекува бројот да расте.
Администрацијата на Бајден бараше дополнителни 12 милијарди долари за владиниот фонд за помош при катастрофи во барањето за финансирање до Конгресот.