ЛОНДОН – Британскиот премиер идната недела ќе отпатува за Вашингтон каде ќе оствари средба со американскиот претседател Џо Бајден. Тие ќе разговараат за подобрување на економските врски и како да се одржи воената поддршка за Украина.
Сунак ќе биде во Вашингтон во среда и четврток идната недела, а покрај средба со Бајден, ќе оствари и средби со членови на Конгресот и американски бизнис лидери, но нема да има разговори за формален договор за слободна трговија, изјави неговиот портпаролот.
„Посетата ќе биде можност да се надоврзе на дискусиите што премиерот и претседателот Бајден ги имаа во последните месеци за подобрување на нивото на соработка и координација меѓу Обединетото Кралство и САД за економските предизвици што ќе ја дефинираат нашата иднина“, рече портпаролот на Сунак.
„Исто така, ќе има можност да се разговара за прашања вклучително и одржување на нашата поддршка за Украина.
На Сунак ова ќе му биде прва официјална посета на Вашингтон откако во октомври минатата година стана премиер. Тој сака да воспостави подобри односи со САД откако Велика Британија ја напушти Европската Унија во 2020 година.
Во април, официјален претставник на Белата куќа беше принуден да негира дека Бајден бил „антибританец“ откако поминал повеќе од половина ден во британската провинција Северна Ирска пред да отпатува јужно во Ирската Република на работни состаноци од два и пол дена.
Администрацијата на Бајден покажа мал интерес за преговори за договор за слободна трговија со Обединетото Кралство, што британските поддржувачи на напуштањето на ЕУ некогаш го нарекоа како една од главните придобивки од нејзиното напуштање од блокот.
Дискусиите напредуваа за време на администрацијата на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, пред да дојде Бајден на власт, а од тогаш разговорите се во застој.
Портпаролот на Сунак рече дека за време на оваа посета нема да има разговори за договор за слободна трговија, туку разговорите ќе се фокусираат на намалување на трговските бариери, како што се договорите со одделни држави.
Белата куќа соопшти дека двајцата лидери ќе разговараат и за ситуацијата во Северна Ирска, која повеќе од една година е без влада.
Односите меѓу Велика Британија и САД се изградени на блиска сорбатко во одбраната, разузнавањето, економијата и културата. И двете страни се на иста линија во однос на поддршката кон Украина.
Сунак поканата на Бајден за средба во Белата Куќа ја прифати уште во март кога двајцата лидери се сретнаа во Сан Диего за инаугурација на следната фаза од сојузот за подморници меѓу САД, Велика Британија и Австралија, познат како „AUKUS“.