Линкови за пристапност

Британија испраќа проектили и беспилотни летала со долг дострел во Украина


Новата рунда помош доаѓа откако Зеленски ги посети западните партнери.
Новата рунда помош доаѓа откако Зеленски ги посети западните партнери.

Велика Британија објави нов пакет воена помош за Украина додека украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна на разговори со премиерот Риши Сунак.

Новата помош вклучува стотици ракети за противвоздушна одбрана, како и беспилотни летала за напад со долг дострел.

„Велика Британија е лидер кога станува збор за проширување на нашите способности на земја и во воздух“, напиша Зеленски на Твитер пред состанокот.

„Оваа соработка ќе продолжи и денеска. Ќе се сретнам со мојот пријател Риши. Ќе водиме суштински преговори лице в лице и во делегации“, вели Зеленски.

Разговорите во понеделник требаше да се одржат во премиерската резиденција Чекерс.

„Ова е клучен момент во отпорот на Украина кон страшната војна“, се вели во соопштението на Сунак.

Застанувањето на Зеленски во Британија беше последната во низата посети на западните партнери во последните денови, кои вклучија состаноци во Париз, Берлин и Рим.

Франција доцна во неделата објави дека ќе обезбеди тенкови, оклопни возила и обука за украинските војници во новиот бран на воена помош додека Украина се подготвува за очекуваната контраофанзива во нејзината борба против инвазијата на Русија.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон објави во соопштение дека неговата влада ќе обезбеди лесни тенкови и оклопни возила „во неделите што следат“, истовремено ветувајќи дека ќе обезбеди воена, политичка, економска и хуманитарна поддршка за Украина „се додека е потребно“.

Франција, исто така, ќе обезбеди поддршка за воздушната одбрана на Украина и ќе има за цел да обучи 2.000 украински војници во Франција и речиси 4.000 други во Полска оваа година.

„Париз. Со секоја посета, одбранбените и офанзивните способности на Украина се прошируваат“, напиша Зеленски на Твитер.

„Врските со Европа стануваат посилни, а притисокот врз Русија расте“, напиша Зеленски.

Зеленски, исто така, изрази надеж дека Франција ќе го поддржи притисокот на Украина за сојузниците да и обезбедат борбени авиони. Украинските власти лобираа за авионите како следен напредок во воената помош достапна за украинските сили, но досега западните лидери не поддржаа испраќање понапредни авиони како што е Ф-16 од американско производство.

Украинскиот лидер отпатува за Франција по застанувањата во Германија и Италија.

Германија објави пакет помош од 3 милијарди долари за Украина, нејзин најголем откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

„Сега е време да го одредиме крајот на војната веќе оваа година, можеме да го направиме поразот на агресорот неповратен веќе оваа година“, рече Зеленски во неделата за време на заедничката прес-конференција во Берлин со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG