По втор пат во еден месец, безбедносните служби на Велика Британија се соочуваат со непријатно прашање во врска со начинот како го спроведуваат надзорот, откако се покажа дека водачот на терористичкиот напад од саботата во Лондон им бил познат на полицијата и дека во минатото бил испрашуван.
Британец со пакистанско потекло, чие име полицијата се` уште не го соопштува од оперативни причини, во населбата Баркинг во источен Лондон бил познат како следбеник на Исламската држава, се обидувал да регрутира деца и отворено проповедал во блискиот парк.
Поради неговите акции локален жител го пријавил на полицијата.
27-годишниот татко на најмалку две малолетни деца, минатата година се појавил во документарен филм во кој носи банер на Исламската држава, а подоцна се расправа со полицијата за време на протест во Лондон кој бил организиран од страна на радикалниот проповедник Анџем Чудари, кој е осуден за регрутирање во корист на Исламската држава.
Минатиот месец, локалната заедница, муслимански религиозни лидери од Манчестер и соседите на Салман Абеди ги обвинија безбедносните служби дека испуштиле неколку шанси да го идентификуваат Британецот со либиско потекло како екстремист со висок ризик. Тој на 22-ри мај на концерт во градот изврши бомбашки напад. Локалните жители најмалку пет пати ја предупредиле полицијата во врска со 22-годишниот бомбаш-самоубиец. Лице кое работи во локалната заедница кажа дека ги контактирало властите откако Абеди рекол дека е во ред да се биде бомбаш самоубиец.
Несоодветен одговор
Ниту од разузнавачката служба на Велика Британија, МИ5 ниту полицијата од Манчестер не дадоа никаков одговор за тврдењата, но законодавците бараат да дознаат зошто на Абеди се гледало само како на периферна фигура, тој не бил набљудуван и не бил под истрага.
Слични прашања се покренаа и по нападот во Лондон. Ерика Гаспари, мајка на три деца која порано живеела во населбата Баркинг, за локалните медиуми кажа дека пред две години го пријавила Абеди на полицијата, откако тој се приближил на нејзините деца во локален парк. Таа вели дека му спротивставила откако нејзините две деца се вратиле дома и рекле: „Мамо сакаме да постанеме муслимани.“
Родителите на предводникот на нападот од саботата се баратели на азил од Пакистан. Според локалните медиуми, лицето со прекар Абз, работело во ресторани за брза храна, продавница за облека и во лондонската подземна железница.
Поранешен пријател на водачот на нападот, исто така кажа дека ја предупредил полицијата во врска со неговите претходни коментари за терористичките напади во Велика Британија и за неговите екстремистички верувања. Тој вели дека наводниот напаѓач бил верен следбеник на радикалниот американски проповедник Ахмед Муса Џибрил и ги гледал неговите видеа на Јутјуб.
„Тој го слушаше Муса Џибрил“, кажа тој за Би-Би-Си. „Јас се јавив на анти-терористичката телефонска линија, им кажав за нашиот разговор и зошто мислам дека тој е радикализиран ... Јас го завршил мојот дел, знам многу други луѓе кои го сториле истото, но властите не ја завршиле својата работа“, додава тој.
Ревизија на стратегија за безбедност
Висок официјален претставник од конзервативците за Гласот на Америка изјави дека постои длабока фрустрација во Даунинг стрит во врска со саботниот напад и фактот дека најмалку еден од напаѓачите им бил познат на властите.
Премиерката Тереза Меј вети дека ќе ја преразгледа стратегијата на Велика Британија во борбата против тероризмот, и можноста за воведување на нови мерки какви што се зголемување на овластувањата на безбедносните служби и подолги затворски казни за екстремистите. Таа кажа дека сака да заземе поостра позиција кон Интернет провајдерите и социјалните медиуми кои овозможуваат поставување на екстремистички материјал на нивните веб страници.
Меѓу мерките што се препорачуваат од страна на безбедносните власти се лицата кои се на листата за набљудување да носат приврзоци за електронско следење, забрана за продажба на нерегистрирани картички за мобилни телефони, барање лицата кои сакаат да изнајмат возила да чекаат два часа за компаниите да можат да спроведат проверки заедно со полицијата.
Полицијата денеска продолжи со рациите во источен Лондон. Портпаролот на полицијата изјави дека се уапсени „голем број“ лица. Локалните жители велат дека слушнале експлозии и истрели за време на акцијата на полицијата. Во неделата, беа уапсени 12 лица, седум жени и пет мажи во врска со терористичкиот напад во саботата. Подоцна едно лице било ослободено од притвор.
Facebook Forum