Линкови за пристапност

Британија ја тресе скандал со имигранти


Скандалот го доби името од бродот „Емпајар Виндраш“, кој во 1948-мата година го донесе првиот бран имигранти од Карибите во Велика Британија

Британската министерка за внатрешни работи Амбер Руд, поднесе оставка поради скандалот за суровиот третман на имигрантите кои беа донесени во земјата од Карибите уште пред седум децении.

Руд минатата недела им рекла на пратениците дека владата не поставила цели да ги депортира луѓето што се сметаат за илегални имигранти.

Министерката во писмото со оставка доставено до премиерката Тереза Меј, вели дека „ненамерно го завела“ Парламентот во врска со поставените цели за депортација.

Министерот за домување, Саџид Џавид, син на пакистански имигранти, беше именуван да ги преземе одговорностите на Министерството за внатрешни работи, кое ги надгледува активностите за спроведување на законите, имиграцијата и борбата против тероризмот.

Меј и Руд беа во постојани препирки, откако се појави скандалот „Виндраш“ пред неколку месеци. Скандалот го доби името од бродот „Емпајар Виндраш“, кој во 1948-мата година го донесе првиот бран имигранти од Карибите во Велика Британија, кои требало да помогнат во обнова на земјата по Втората светска војна. Според медиумските извештаи, бројни имигранти изгубиле работни места, домување, пристап до медицинска нега и закана од депортација, бидејќи не можеле да извадат документи - како доказ дека имаат право да живеат во Британија, што им било доделено со закон, усвоен уште во 1971-та година.

Строгиот третман на „Генерацијата Виндраш“ очигледно произлегува од политиката воведена за време на мандатот на Руд како министерка за внатрешни работи во периодот од 2010-ва до 2016-та година, кога повика на создавање „непријателска средина“ за илегалните имигранти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG