Линкови за пристапност

Судот пресуди: суспендирањето на британскиот парламент e незаконскo


Владата се спротивстави на пресудата на судот и соопшти дека ќе поднесе жалба

Шкотскиот суд денеска донесе одлука дека потегот на британскиот премиер Борис Џонсон да го суспендира парламентот е незаконски.

Судиите не наредија поништување на суспензијата, туку истакнаа дека за тоа прашање треба да решава Врховниот суд на Велика Британија.

Владата се спротивстави на пресудата на судот и соопшти дека ќе поднесе жалба.

Петнеделната суспензија на парламентот стапи на сила во вторникот.

Опозиционите законодавци остро се спротивставија на, како што го нарекоа, „државниот удар“ од страна на Џонсон, додека Велика Британија се соочува со краен рок на 31 октомври за напуштање на Европската унија.

Џонсон се заложи да го спроведе Брегзит со или без договор и рече дека кога ќе заврши суспензијата на парламентот, законодавците ќе имаат доволно време да го одобрат секој нов договор што тој би го постигнал со ЕУ.

Пратениците минатата недела усвоија закон со кој сакаат да го принудат Џонсон да бара од лидерите на ЕУ продолжување на рокот за излез, ако не се постигне договор, со надеж дека ќе го избегнат она што тие го сметаат за катастрофална последица од евентуален Брегзит без договор.

Претходничката на Џонсон, Тереза Меј, не успеа да добие одобрување на парламентот за договорот што нејзините преговарачи го постигнаа со ЕУ, по што официјалните претставници на ЕУ не покажаа голема желба за повторни преговори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG