Линкови за пристапност

Британија со намален буџет за одбрана?


Економската неизвесност ги натера конзервативците да размислат што e остварливо а, што не

Неделава за првпат во 357 години, ќе се промени стражата пред Бакингемската палата. Пешадијците со препознатливите црвени униформи ќе бидат заменети со морнари, кои времено ќе ја вршат церемонијалната улога пред кралската резиденција, со тоа одбележувајќи ја 2017-та година како „Година на морнарицата“.

Најголемиот британски брод досега, носачот на авиони „ХМС Кралица Елизабета“, беше пуштен во употреба годинава. Тој е прв од планираните нови бродови со кои се одбележува експанзијата на морнарицата и враќањето на имиџот на Велика Британија како сериозна поморска светска сила.

Се поставува прашањето дали овие планови ќе бидат остварени?

Слабиот економски раст, зголемувањето на владината задолженост и стравот од негативно влијание по Брегзит, ги натера конзервативците да размислат што може да биде остварено, а што не.

Со намалување на буџетот, ќе се задоцни изградбата на нови фрегати и тенкови, а морнарицата ќе треба да се откаже од преостанатите амфибиски бродови со кои можат да се вршат десантски напади на туѓа територија.

Освен проблемите со проширувањето на морнарицата, ќе се одложи и купувањето на американски авиони од типот Ф-35 за употреба на новиот носач на авиони.

Британски официјални претставници велат дека во владата се дебатира како кратењата ќе се одразат врз целокупната воена способност на државата.

САД го предупредиле Лондон дека специјалните односи меѓу двете држави, во крајна линија се засновани на воената соработка. Британските војници во моментов се распоредени заедно со американските сили во Ирак и Авганистан, и помагаат во одржување на одбранбената способност на земјите од Источна Европа, како одговор на се поагресивната воена позиција на Русија.

Генералот Бен Хоџис, командант на американската армија во Европа, рече дека позицијата на Британија како клучен сојузник и водечки член на НАТО ќе биде изложена на ризик, ако нејзините вооружени сили се намалат. Британската армија веќе е намалена од 120.000 до 82.000 редовни војници.

Британската премиерка Тереза Меј, беше предупредена од колегите во Кабинетот дека се соочува со „значителен бунт“ во Долниот дом, ако не успее да ги спречи намалувањата на буџетот за армијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG