Линкови за пристапност

По добивањето доверба Меј на разговори со партиските лидери за Брегзит


Изгласаната доверба во британскиот Парламент ѝ овозможува на Меј повторно да се фокусира на тоа да постигне договор за Брегзит преку Парламентот

Британската премиерка Тереза Меј го преживеа гласањето на доверба во Парламентот, еден ден откако мнозинството пратеници гласаа против нејзиниот план за излегување на Велика Британија од Европската Унија.

Добивањето на доверба ѝ овозможува на Меј повторно да се фокусира на тоа да добие договор за Брегзит преку Парламентот. Таа има време до понеделник да поднесе нов предлог до Долниот дом, но не е јасно што ќе предложи.

Кратко откако 325 пратеници, наспрема 306, ѝ изгласаа доверба на Меј, синоќа таа ги покани партиските лидери на разговори за Брегзит.

Пред гласањето во средата Меј изјави дека Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март кога беше планирано и дека ќе се разгледува само евентуално продолжување на периодот на преговори доколку има реален план за излез.

Помошниците на премиерката велат дека таа ќе се обиде да добие повеќе време за да се обиде да ги придобие европските лидери за повторни преговори.

Лидерите на ЕУ во неколку наврати ја отфрлија можноста за повторување на преговорите, но британските официјални претставници се надеваат дека Брисел сега може да понуди доволно отстапки за да се обезбеди парламентарна поддршка за повторно гласање на изменет договор.

Преговарачот на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, рече дека откако британскиот Парламент го отфрли нацрт договорот за излез на Британија од ЕУ, ризикот да не се постигне договор до истекот на крајниот рок е поголем од било кога досега.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG