Наjмалку пет лица, вклучувајќи го и напаѓачот и еден полицаец, се меѓу жртвите во денешниот инцидент во близина на Британскиот парламент во Лондон, што властите го третираат како терористички напад.
Напаѓачот со нож го усмртил припадникот на полицијата, по што персоналот на парламентот потоа беше со часови евакуиран.
Претходно, истото лице со помош на своето возило намерно удрило во минувачи на мостот Вестминстер, при што животот го загубиле три лица. Вкупно се повредени околу четириесет лица.
"Мислиме дека знаеме кој е сторителот", изјави Марк Роули, раководител на единицата за контратероризам при Лондонската полиција, потврдувајќи ги информациите дека властите веруваат дека напаѓачот бил инспириран од меѓународните терористички напади. Тој додаде дека додека трае истрагата, надлежните не се во можност да го откријат неговиот идентитет.
Британската прeмиерка Тереза Меј се обрати до нацијата, нарекувајќи го нападот "болен и изопачен". Таа истакна дека секој обид да се омаловажи британскиот народ преку насилство и тероризам, е подложен на неуспех. Меј додаде дека Парламентот утре ќе ја продолжи својата работа.
Во Вашингтон, Белата куќа соопшти дека откако бил брифиран за случајот, претседателот Доналд Трамп имал телефонски разговор со лидерката на Британија.
САД го осудија нападот, а од Одделот за домашна безбедност кажаа дека се во близок контакт со британските власти, но дека американската домашна безбедносна положба останува непроменета.