Линкови за пристапност

Кина домаќин на Самитот на групата БРИКС


Некои експерти сметаат дека Пекинг ја користи БРИКС како платформа за туркање на сопствените интереси

Кина викендов е домаќин на годишниот Самит на лидерите од земјите на групата БРИКС - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Заеднички, тие претставуваат 40 проценти од светското население и експертите велат дека разговорите имаат за цел да покажат дека заедничката економска моќ на овие држави, може да биде противтежа на западната доминација.

Кина се надева средбата во југоисточниот град Ксиамен да биде значаен настан, но тоа може да биде засенето од острите разлики по неколку прашања меѓу државите членки. Постојат и сомневања дека Кина ја користи групата, со седиште во Пекинг, како платформа за унапредување на своите политички и бизнис-интереси.

„Нема сомнение дека Пекинг чувствува дека може да ги зајакне квалификациите како единствен застапник на глобализацијата и мултилатерализмот, во време кога се чини дека САД, под администрацијата на Трамп се свртуваат во спротивна насока од мултилатерализмот“, изјави за Гласот на Америка, Мохан Малик, професор во Азиско-пацифичкиот центар за безбедносни студии во Хонолулу.

Некои веруваат дека платформата на БРИКС и` дава можност на Кина за туркање на таа агенда и можеби да се зајакне имиџот на кинескиот претседател Ши Џинпинг, како светски лидер. Меѓутоа, прашање е дали Русија и Индија, со бројни различни ставови од Пекинг, се заинтересирани за тоа.

Аналитичарите истакнуваат дека Москва има сериозни резерви за кинеската иницијатива за развој на инфраструктурата во Централна Азија, каде што Русија исто така планира да спроведе слична програма, наречена Евроазиска економска унија.

Кина и Индија исто така имаат свои несогласувања.

Изминатава недела, двете земји внимателно се повлекоа од едно од нивните најголеми несогласувања - проблемот со спорната граница на Хималаите. Индија не потврди дека премиерот Нарендра Моди ќе учествува на Самитот во Ксиамен, се` додека не биде потпишан договорот.

Последниве години Кина ја презеде и водечката улога во основањето или проширувањето на меѓународните организации каде западните земји имаат мала или никаква улога. Пекинг, исто така се избори некои од овие организации да бидат со седиште во Кина.

Неодамна, оваа земја промовираше и нов предлог: БРИКС Плус, чија цел е донесување нови членки во БРИКС. Кина тврди дека тоа ќе ја зајакне организацијата и ќе ја направи посилна. Некои се скептични и велат дека притисокот на Кина за проширување на организацијата има за цел да ја зајакне нејзината позиција во неа, наместо да ја зајакне самата организација.

Освен поделеноста околу проширувањето, недостасува и јасна визија за улогата на организацијата - дали треба да има економска или политичка агенда или и двете.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG