Линкови за пристапност

Бран повикувања на амбасадори, Фрчкоски најавува дека самиот се повлекува


Покрај Фрчкоски на консулатции во Скопје, според неофицијални информации, повикани се и амбасадорите во Тирана и во Рим, Данчо Марковски и Весел Мемеди
Покрај Фрчкоски на консулатции во Скопје, според неофицијални информации, повикани се и амбасадорите во Тирана и во Рим, Данчо Марковски и Весел Мемеди

Бранот повикувања на амбасадори назад во Скопје по смената на власта и доаѓањето на нов министер за надворешни работи се претвора во медиумско расчистување на сметките меѓу МНР и амбасадори именувани од претходната власт.

Откако беше објавено дека и Љубомир Фрчкоски, амбасадорот во Постојаната мисија при ОН во Њујорк, ќе биде повикан назад на консултации во МНР поради, како што беше информирано, нетранспарентно финансиско работење со средствата добиени од сукцесијата на имотот од поранешната држава и незаконско трошење службени средства, со соопштение издадено од Мисијата во Њујорк се јави и Фрчкоски тврдејќи дека станува збор за „лаги на МНР“.

Во реакцијата се демантираат наводите за лошо менаџирање со Мисијата во периодот додека со неа управува Фрчкоски.

„Мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од уплати на пари од сукцесијата во буџетот во три наврати - со што целосно се демантираат тврдењата на МНР. Начинот кој МНР го бира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финаското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста. Срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства“, пишува во демантот на Фрчкоски кој беше пратен до медиумите.

Во него, Фрчкоски потврдува и дека самиот ќе се повлече од функцијата кога ќе му заврши боледувањето и дека затоа, како што вели, МНР нема потреба да измеќарува.

И покрај најавата дека се повлекува, владејачката партија и денеска го спомна Фрчкоски во контекст на функционирањето на претходната влада и актуелниот претседател на СДСМ.

„Љубомир Фрчкоски кој нема отчет како ги трошел народните пари се пример зошто СДС изгуби катастрофално. Ако Љубомир Фрчкоски нема отчет како ги трошел парите на мисијата, Венко Филипче не сака воопшто да има потреба од давање отчет и има на план да го приватизира здравството во целост“, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај Фрчкоски на консулатции во Скопје, според неофицијални информации, повикани се и амбасадорите во Тирана и во Рим, Данчо Марковски и Весел Мемеди.

На едниот му се забележува за резултатите од пописот во Албанија кој покажа дека бугарската пропаганда во македонската заедница е ефикасна, а на другиот дека формално ги информирал италијанските власти дека пасошите со старото име веќе не важат.

Консултациите може да резултираат со враќање на амбасадорот на неговата позиција, или со негово отповикување.

XS
SM
MD
LG