Поразителни податоци за иднината на Македонија која се соочува со огромен бран на одлив на млади луѓе. Истражувањата покажуваат дека за една деценија од земјава си заминале повеќе од една четвртина од вкупно високообразованите лица. Трендот е загрижувачки во целиот регион на западен Балкан за што и се дебатираше на денешната конференција „Brain Drain: Перспективи на младите луѓе“.
Детектирани се неколку главни причини за заминување - лошо образование, ниски плати, недостиг на можности за напредување, недоволна конкурентност на пазарот на трудот...
„Има некои податоци кои велат дека од Македонија 25 проценти од високообразовниот кадар се иселил во последните 10 години. Ние работевме на 4 области: образование, вработување, квалитет на живот, граѓански права. Вработувањето во сите шест земји од регионот влијае со преку 30 проценти од причините за иселување“, изјави Иван Јованов, извршен директор на здружението „Lead“.
Владата вели дека е свесна за сериозноста на проблемот и уверува дека се преземаат мерки за спречување на „одливот на мозоци“ од Македонија.
„Спречување на одливот на мозиоци е еден од приоритетите на владата. Свесни сме дека во изминатиот период Македонија, се надеваме привремено, изгуби многу од младиот висококвалификуван кадар. Со цел да го спречиме тој одлив на мозоци, почнавме повеќе програми кои треба да им овозможат останување на висококвалификуваните млади луѓе во Македонија. Од земја која беше политички нестабила, со неизвесна иднина, сега сме земја пред која се отвораат евроатлатнските перспективи и се стабилизираат демократските процеси и тоа секако треба да влијае на останувањето на младите во Македонија“, рече министерката за образование Рената Треневска Дескоска.
Експертите предлагаат сет на мерки за справување со ситуацијата како подобрување на образованието, зголемување на граѓанските права, подобра понуда на работа, повеќе пракса, полесно вработување. Според податоците на Светска банка, вкупниот број на иселеници од Македонија изнесува 21 отсто - процент кој постојано се зголемуваше во последните неколку години.
Facebook Forum