Линкови за пристапност

Инспирација од играчки, имагинација без граници


Од овој свет замина мајсторот на научната фантастика Реј Бредбери, човекот кој не им веруваше на компјутерите и беше заљубен во старите добри библиотеки.

Реј Бредбери, еден од најпознатите писатели на научната фантастика во САД, почина на 91-годишна возраст.

Бредбери можеби остави најдлабок белег со романот од 1953-та, „Фаранхајт 451“, за футуристичко општество каде горењето на книга е општо прифатена, официјална политика. Општо сметана како приказна за злото на цензурата, Бредбери самиот има кажано дека идејата на книгата е да го прикаже како телевизијата го уништува интересот на луѓето за книжевноста.

Бредбери за прв пат стекна светска слава во 1950-та со збирката кратки раскази „Марсовските хроники“ – футуристички приказни за човечките обиди за колонизација на црвената планета. Оваа книга е преведена на преку 30 јазици.

Бредбери беше почитуван подеднакво и од читателите, и од критичарите за умешното пишување и раскажување. Неговите дела честопати беа многу повеќе од научнофантастични визии за иднината. На пример, „Марсовските хроники“ воедно се и длабока критика за настаните од денешницата, бидејќи се бави со контроверзни теми како расизмот, загадувањето, нуклеарната војна и технологијата што излегла надвор од контрола.

30 книги и речиси 600 кратки раскази, како и поеми, театраски претстави и сценарија се она што Бредбери ни го остави во наследство за време на повеќедецениската кариера.

За Бредбери се произнесе и еден претседател - Барак Обама коментираше дека неговиот талент за раскажување ја преобрази културата и ќе претставува инспирација за идните генерации.

Љубовта на Бредбери кон пишувањето потекнува од детството.

Роден е на 22-ри август 1920-та година во Вајкеган, Илиноис. Уште кога бил малечок, целото семејство се преселило во Лос Анџелес. Во интервју за телевизијата Си-Би-Ес во 1988-ма наведува дека уште од мали нозе се вљубил во научнофантастичниот стрип „Бак Роџерс“.

„Сите деца на училиште ме исмејуваа и затоа ги искинав стриповите. Еден месец подоцна, почнав да плачам и да се прашувам – Кој почина? Одговорот беше – Јас. Ги послушав оние кои се исмејуваа на мојата љубов. Повторно почнав да ги собирам стриповите Бак Роџерс, откривајќи дека тоа беше начинот на кој живеам“, се присеќава авторот.

Оваа филозофија му останала за цел живот.

„Уште многу одамна осознав дека сите други не се во право, за разлика од мене. Доколку го сфатите тоа на 9, 10 или 11-годишна возраст, ќе имате добар живот“, заклучува Бредбери.

Писателот црпеше инспирација и од играчките и сувенирите што ги собираше со години и одбиваше да ги фрли. Колекцијата ја чуваше во подрум во домот во Лос Анџелес, каде и пишуваше.

„Никогаш не знаете од каде ќе се роди идејата, а онака како што гледам на предметите околу мене, надоаѓаат метафори. Решив да напишам кратка приказна. Така, почнав да чукам на машина, да ставам именки на хартија. Почнав да опишувам некои од играчките. Така се родија расказите. Научив да не ги фрлам предметите бидејќи токму тоа претставува еден писател, колекционер на предмети, симболи, метафори“, рече Бредбери во едно интервју.

Тој се посвети на уметноста со строго правило да мине најмалку четири часа дневно во пишување. Премногу сиромашен за да си дозволи универзитетско образование, минуваше часови во библиотека, од каде и произлезе романот „Фаренхајт 451“. Го пишувал на изнајмена машина за чукање во библиотека на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес.

Љубовта кон библиотеките остана цел живот, и, како што велеше самиот, библиотеката е поважна од колеџ или универзитет.

Бредбери не ги величаше погодностите на современото живеење. Одбиваше да вози автомобил, велејќи дека како млад бил сведок на ужасна сообраќајна несреќа и оттогаш има ноќни мори кога станува збор за возење. Одбиваше да патува и со авион. Не им веруваше на компјутерите. Во интервју за Стејт департментот во 2010-та, кажа дека информациите што им стојат на располагање на луѓето во комјутерите не се исти со оние од библиотека. „Доколку би ми се укажала можност“, вели тој, „би ги запалил компјутерите, а не библиотеките“, рече тогаш Бредбери, човекот кој за нас ѕиркаше во иднината.
XS
SM
MD
LG