„Светиот Синод на Бугарската православна црква одлучи дека, со оглед на тоа што Македонската православна црква (МПЦ) ја признава БПЦ - Бугарска патријаршија за своја Мајка-црква, БПЦ со чувство за својата света должност, ја прифаќа одговорноста да покаже целосно содејство, со тоа што ќе посредува и ќе се застапува пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за востановување на канонскиот статус на МПЦ“, се наведува во одлуката на Светиот синод на БПЦ донесена на денешното заседание во Софија, по повод писмото кое МПЦ-ОА го упати на 9 ноември.
Иако во соопштението не е истакнато дека БПЦ ја признава МПЦ за своја Ќерка-црква, сепак, прифаќајќи го „својот свет долг“, Синодот во полн состав реши БПЦ да ја застапува Македонската православна црква – Охридска архиепископија, пред православните цркви, за утврдување на нејзиниот канонскиот статус. Бугарскиот патријарх Неофит и пред заседанието, изјави дека треба да биде прифатена подадената рака од Македонија и дека е тоа најмалку што може да се направи, „затоа што тие се наши браќа, наш народ и ние ќе се стремиме да направиме сè за да го зачуваме неговото единство“.
Потенцирајќи дека „Бугарската православна црква – Бугарскиот патријаршија никогаш не била рамнодушна кон страдањата на МПЦ“, САС на БПЦ на денешното зимско заседание реши и да формира комисија која ќе започне разговори со МПЦ и со останатите православни цркви за да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА за стекнување автокефален статус. Синодската архиерејска комисија за преговори со МПЦ и со останатите помесни православни цркви, ќе ја сочинуваат осум бугарски митрополити, а претседател ќе биде Митрополитот Старозагорски Кипријан.
Поддршката на БПЦ од дел на бугарската јавност - за прифаќање на барањето МПЦ-ОА, била изразена и со присуство на граѓани пред Синодот на БПЦ во Софија, пред и за време на заседанието.
По заседанието, медиумите ја пренесоа изјавата на бугарскиот патријарх Неофит по заседанието, според кого, „решението за Македонската православна црква се бара толку многу години, затоа што е сложено и треба многу добро да се осмисли, а решението да се донесе со мнозинство и сите православни цркви да имаат јасна претстава за прашањето за автокефалноста, што не беше разгледувано на минатиот Сеправославен собор на Крит“.
Иако Македонската православна црква прогласи автокефалност пред 50 години, во 1967 година, според канонските правила, на кои се повикуваат и останатите помесни православни цркви, таа е обврзана најнапред да го реши спорот со Српската православна црква. Но, долгогодишниот црковен спор меѓу Македонската и Српската црква, со децении е на мртва точка. Затоа, МПЦ-ОА испрати писмо до БПЦ дека ја признава како Мајка-црква, но побара од БПЦ да ја прифати како Ќерка-црква, и да ја признае нејзината автокефалност, која ја оспоруваат сите помесни православни цркви, пред сè, Српската, но и Руската православна црква.
Facebook Forum