Линкови за пристапност

Тајланд екстрадира наводен руски дилер со оружје на САД


Тајланд екстрадира наводен руски дилер со оружје на САД
Тајланд екстрадира наводен руски дилер со оружје на САД

Тајланд го екстрадираше наводниот руски дилер со оружје Виктор Боут на САД за да се соочи со судење по обвиненија за тероризам.

Тајландските власти велат дека Виктор Боут бил ставен на специјален авион за САД во вторник попладне откако владата дала одобрение за негова екстрадиција.

Боут е обвинет за продавање на оружје што поттикнувало конфликти во Африка, Јужна Америка и на Блиски исток.

Тој ќе се соочи со судење во САД заради заговор за убивање Американци со продавање на оружје на терористичка организација.

Предавањето на Боут на американските власти е завршница на процес од повеќе од две ипол години за тоа каде ќе биде суден.

Сирисак Тијапан е директор на одделот за надворешни работи во канцеларијата на генералниот обвинител. Тој вели дека Тајланд постапил во согласност со своите законски обврски: „Бидејќи немаме спогодба за екстрадиција со Русија, а имаме со САД, за нас е обврзувачко според меѓународното право да постапуваме соодветно“.

Боут, руски државјанин, бил уапсен во Бангкок во март 2008 по акција на американски агенти кои се претставиле како членови на Револуционерните оружени сили на Коломбија. Тие рекле дека сакаат да купат оружје да убиваат американски официјални лица и други американски граѓани.

САД оваа организација ја сметаат за терористичка организација.

Боут наводно понудил да им продаде голем број парчиња оружје, вклучувајќи и рачни проектили.

Боут рекол дека апсењето е наместена операција и дека тој е невин бизнисмен што оперира авионска карго компанија.

Ниту руската, ниту американската амбасада во Банкок не реагираа на екстрадицијата.

Руските власти тврдат дека случајот е политички мотивиран и дека Боут треба да биде испратен назад во Русија.

Некои регионални безбедносни аналитичари велат дека Боут, поранешен армиски пилот во Советскиот сојуз, има врски со руската разузнавачка агенција и властите во Москва се загрижени дека тој може да открие чувствителни информации.

XS
SM
MD
LG