Линкови за пристапност

Наводниот бостонски бомбаш бил на терористичка листа


ЦИА побарала Тамерлан Царнаев да биде ставен на листата откако била контактирана од руската влада.

Американски официјални лица велат дека постариот од двајцата браќа осомничени во бомбашкиот напад на Бостонскиот маратон бил ставен на контратерористистичка листа кон крајот на 2011.

ЦИА побарала името на Тамерлан Царнаев да биде ставено на листата откако била контактирана од руската влада со нивната загриженост дека станал радикален Исламист.

Москва исто така поднела слично предупредување до ФБИ за Тамерлан Царнаев, порано во 2011. Официјални лица велат дека агенцијата направила истрага, што подоцна ја затворила заради немање докази дека тој претставува непосредна закана.

Американските законодавци покренаа загриженост за споделувањето на информации меѓу агенциите за разузнавање по двојниот бомбашки напад од 15 април што остави три лица мртви и 264 други повредени, меѓу кои најамалку 14 кои изгубиле нозе.

Истражителите велат дека 26-годишниот Тамерлан и неговиот 19-годишен брат Џохар ги поставиле бомбите во близина на финишот на Бостонскиот маратон. Тамерлан бил убиен во престрелка со полицијата минатиот четврток, додека Џохар бил фатен еден ден подоцна.

Џохар е обвинет за употреба на оружје за масовно уништување. Тој е во федерален притвор во бостонска болница.

Неколку месеци пред да дојде на радарот на американските федерални агенти , Тамерлан Царнаев ги напуштил САД во јануари 2012 на шестмесечна посета на Русија. Кога се вратил, неговото име генерирало предупредување од системот за набљудување користен од агентите на американската царина. Но републиканскиот сенатор Линдзи Грем кажа дека од ФБИ му рекле оти не знаеле во тоа време за патувањето на Царнаев во Русија.

Американските истражители ги испрашуваат родителите на Царнаев во руската република Дагестан да утврдат дали Тамерлан имал контакти со исламски екстремисти за време на посетата во 2012.

Американскиот потпретседател Џо Бајден ги осуди осомничените во среда во Бостон, каде присуствуваше на меморијална церемонија за универзитетскиот полицаец наводно убиен од осомничените само неколку дена по бомбашките напади.

Бостонските власти во среда повторно ја отворија улицата Бојлстон за сообраќај. Тоа е улицата каде се случија експлозиите.
XS
SM
MD
LG