Линкови за пристапност

Најмалку тројца загинати во експлозиите на Бостонскиот маратон


Над 130 повредени. Претседателот Обама кажа дека САД не знаат „кој го стори ова и зошто“, но дека сторителот „ќе ја почувствува сета тежина на правдата“.

Најмалку три лица загинаа , а преку 130 се повредени во двете едноподруго експлозии понеделникот на линијата што го означуваше финишот на светски познатиот Бостонски маратон.

Според извор брифиран за истрагата, властите нашле три други направи што не експлодирале, од кои едната во бостонското предградите Њутон. Екипи за демонтирање на бомби го чешлаа местото на експлозиите, проверувајќи ги оставените предмети.

Весникот Бостон глоуб, цитирајќи два полициски извора, јави дека
меѓу загинатите е осумгодишно момче. Врз голем број на повредените морала да биде извршена ампутација.

Се` уште нема информации за мотивот и извршителот на навидум добро координираниот напад, а според властите, дека досега никој не презел одговорност.

Претседателот Барак Обама во изјавата по повод нападот,
пренесена во живо на ТВ, наведе дека САД не знаат „кој го стори ова и зошто“, но вети дека кој и да е сторителот, „ќе ја почувствува сета тежина на правдата“.

Иако Обама експлозиите не ги нарече напад, претставник на Белата куќа кажа дека секој настан со повеќекратни експлозии, како што овој на прв поглед изгледа дека е, „очигледно е чин на терор и
така и ќе му биде пристапено“.

​Од телевизиските снимки - сцени на конфузија, улици покриени со отпадоци и крв, екипи за брза помош со носилки и оштетувања на околните згради. На луѓе во публиката, облиени во крв, а некои од нив и осакатени, им беше укажана итна помош во шаторот првично поставен за третман на изморените натпреварувачи.

Експлозијата се случи околу два часа откако првиот од вкупно над 23-те илјади натпреварувачи ја заврши трката. Пред експлозијата, линијата на финишот ја минаа околу 17.600 тркачи. Веднаш по експлозијата, маратонот беше прекинат, а запре и метро-сообраќајот во областа

Управата за цивилна авијација воведе привремена рестрикција на
летовите над местото на експлозиите, но тоа не се одрази на летовите од бостонскиот аеродром Логан.

Во неколку поголеми градови во САД веднаш на сила стапија зајакнати мерки на безбедност. Њујоршката полиција го засили присуството околу познатите објекти на Менхетен. Во состојба на зголемена готовност се и Вашингтон и Лос Анџелес.

Во Британија, полицијата изврши преглед на безбедносните планови за Лондонскиот маратон закажан за недела, следното големо меѓународно натпреварување.

Полицијата во Бостон соопшти дека
пожарот што понеделникот избил во Библиотеката Џон Ф. Кенеди, на пет километри од местото на експлозиите, не е поврзан со нив.

Веднаш по експлозиите, Тајната служба ја блокираше Авенијата Пенсилванија пред Белата куќа, но седиштето на претседателот продолжи со работа.

Претседателот Обама преку телефон на градоначалникот на Бостон, Том Менино, и гувернерот на сојузната држава Масачусетс, Девал Патрик, им ветил федерална помош во истрагата и отстранувањето на последиците.
XS
SM
MD
LG