Израел денеска повторно изврши воздушни напади во Појасот Газа. Тешките борби меѓу израелските сили и милитантите на Хамас продочжуваат во централниот и јужниот дел на Газа.
Денешните судири беа сконцентрирани во областа Ал-Бурејџ во центарот на палестинската енклава и Кан Јунис, јужниот град кој е втор по големина во Газа.
Израелската војска, исто така, објави дека извршила нови воздушни напади во јужен Либан насочени кон милитантите на Хезболах, сојузници на Хамас кои разменуваат оган со израелските сили преку границата.
Израел, исто така, рече дека ја погодил „воената инфраструктура на сириската армија“ како одговор на, како што рече, лансирање проектили од сириска територија кон Израел.
Сириската државна новинска агенција соопшти дека неколку израелски воздушни напади ги погодиле предградијата на Дамаск и предизвикале „материјална штета“.
Израел предупреди дека, доколку Хезболах не отстапи, се наѕира целосна војна во Либан. И Хамас и Хезболах се поддржани од Иран, чии милитантни сојузници во Сирија, Ирак и Јемен, исто така, вршат напади со подолг дострел против Израел.
Израел сигнализираше нова фаза во својата офанзива во Појасот Газа, објавувајќи вчера дека ќе го намали бројот на своите војници во Газа и ќе продолжи со повеќе насочени операции против Хамас во енклавата.
Во соопштението на израелските одбранбени сили се вели дека повлекувањето на војниците се очекува „значително да ги ублажи економските оптоварувања“ и да им овозможи на војниците „да соберат сила за претстојните активности во следната година, бидејќи борбите ќе продолжат, а нивните услуги сè уште ќе бидат потребни .“
Министерот за одбрана Јоав Галант на брифинг со новинарите во понеделникот рече дека жителите на некои од израелските заедници северно од Појасот Газа, кои беа евакуирани по нападот на 7 октомври од страна на Хамас, ќе можат да се вратат наскоро.
Некои материјали за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.