Линкови за пристапност

Како да се поттикне граѓанското учество во политичкиот живот во Централна и Источна Европа?


Намалената ангажираност на граѓаните во политичкиот живот негативно влијае на демократијата, беше посочено на дебата организирана од Германскиот маршалов фонд во САД

Ангажманот на граѓаните во политичките партии се разликува од држава до држава.

Додека генерално ангажираноста во Источна Европа е помала од таа во Централна Европа, искуствата покажуваат сосема спротивставени примери. Така, на пример во Полска и Словачка мал број луѓе членуваат во политички партии, додека во Србија ангажманот во политичка партија на населението е голем. При тоа и мотивите се различни.

Ова беше истакнато на он-лајн дебата на тема „Поттикнување на ангажирањето во партиите во Централна и Источна Европа“ во организација на Германскиот маршалов фонд во САД.

Од таму посочуваат дека намалувањето на ангажманот на граѓаните во политичките партии е еден од главните предизвици со кои се соочуваат демократиите во целиот Западен свет. Во Централна и Источна Европа институционализацијата на партиите е традиционално послаба, а ангажираноста на граѓаните е пониска отколку во Западна Европа, што негативно влијае на демократијата.

Искуства од Полска и Србија

„Во Полска членувањето во политички партии е мало. На полските политички партии не им се неопходни многу членови бидејќи приходите на партијата не зависат од бројот на членството“, вели Јан Јакуб Кромик од Германскиот маршалов фонд во САД.

Тој вели дека Србија е пример за патронажна демократија. „Во Србија има високо ниво на учество во партиите. Главната причина на луѓето да се приклучат во партија е клиентелизмот, да се вработат или да ја задржат работата“, вели Кромик.

Магдалена Марија Солска, соработник истражувач на Институт за Централна и Источна Европа при Универзитет Фрибург, ја анализирала состојбата во Србија, Украина и Полска.

„Во Србија индивидуалните придобивки имаат најголемо влијание за ангажирањето на луѓето во политички партии. Во Полска пак политичкиот плурализам се третира различно отколу во Србија и Украина. Треба да се земе во предвид дека има различни форми на учество во политичките партии. Тие се движат од слабо учество до клиентелистичко“, вели таа.

Нагласува дека кога се анализира политичкото учество мора да се земе во предвид контекстот. „Многу е важно да ја земете во предвид поларизацијата. Живееме во динамични времиња, во дигитална ера. Тоа треба да се вклучи во анализите. Социјалниот статус исто така влијае на учеството во политичките партии и тоа не треба да биде занемарено.“

Таа укажува дека е потребна поголема транспарентност на животот на политичките партии и на нивното финансирање.

Јасни политички програми можат да го поттикнат граѓанското учество

Според Кромик и самите партии можат да влијаат на поттикнување на граѓанското учество доколку на пример развијат јасни политички програми. „Во патронажните демократии треба да се зголеми граѓанската едукација. Тоа е еден од главните предизвици кој треба да се засили“, вели тој, додавајќи дека е важно да се работи на подобрување на демократските стандарди и развој на програми за лидерство.

Според него позитивни сигнали доаѓаат од Украина и Молдавија, но уште многу работа останува да биде завршена, како што е на пример промена на регулативата за пристап до медиумите.

Во Словачка мотив за политички ангажман не е инвидуалниот бенефит

Сосема различни искуства доаѓаат од Словачка. Каде учеството на граѓаните во партиите е мало, но искуствата покажуваат засилени напори преку отворање на комуникациски канали да се поттикне граѓанското учество.

„Словачка спаѓа во државите со понизок ангажман на луѓето во политичкиот живот. Луѓето не се ангажираат во партии заради индивидуален бенефит. Малкумина сакаат функции. Дури и мораме да ги убедуваме дека се добри за да се согласат да бидат кандидати“, вели Михал Шимечка, европратеник и потпретседател на политичката партија „Прогресивна Словачка“.

Тој вели дека внатрепартиската комуникација е многу важна. “Имаме развиена внатрешна комуникација преку социјалните мрежи. Преку тоа обичните членови можат во реално време да бидат поврзани со раководството на партијата и да учествуваат. Секој може да учествува во различни работни групи и во креирањето на различни политики“, вели Шимечка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG