Линкови за пристапност

Бил де Блазио: Има причина да се верува дека нападот е терористички акт


Тој додаде дека во моментот не се трага по друго конкретно лице, поврзано со настаните на Менхетен

Властите во Њујорк, кусо по притворањето на 28-годишниот Ахмад Кан Рахами, осомничен за поврзаност со нападите во квартот Челси на Менхетен, најавија продолжување на истрагата.

„Има причина да се верува оти се работи за терористички акт“, рече градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио, додавајќи дека во моментов не се трага по друго конкретно лице, поврзано со нападот.

Пред осомничениот да биде притворен рано утринава, ФБИ издаде потерница во која стоеше дека Рахами, американски државјанин со потекло од Авганистан, се бара за сослушување и дека последен пат бил со адреса во градот Елизабет, сојузната држава Њу Џерси.

Како што јави ТВ-мрежата ЦНН, градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио, изјавил дека надлежните органи се убедени дека лицето мора, „веднаш да биде во владина надлежност“, предупредувајќи дека претстои многу работа да се открие мотивот зад нападите. Претходно, гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо, повтори дека бомбашкиот напад од саботата е „акт на тероризам“ и дека можно е да има, „надворешна врска“. Куомо додаде дека од безбедносни причини во подземната железница на Њујорк, ќе бидат распоредени дополнителни 1.000 полицајци и припадници на Националната гарда.

ФБИ и полицијата на Њујорк и натаму трагаат по осомничени и можна поврзаност меѓу нападот од саботата во квартот Челзи и друга експлозивна направа најдена во близина. Втората направа, најдена кусо време по експлозијата на првата, инволвира експрес-лонец со мобилен телефон прицврстен за него. Техничарите на Бирото ги истражуваат доказите од двете бомби во лабораторија во Вашингтон.

Доцна синоќа властите запираа, како што ги нарекоа, „возила од интерес“ на автопатот во делот на Бруклин, а ФБИ кажа дека биле испитувани пет лица, но дека никој не бил обвинет за сторен криминал.

Во експлозијата од саботата во квартот Челси, биле повредени 29 лица, но сите се пуштени од болница.

Властите соопштија дека доцна синоќа биле пронајдени дополнителни направи во канта за отпадоци на железничка станица во Елизабет, Њу Џерси. Градоначалникот Крис Болвејџ кажа дека една од направите експлодирала додека полицијата се обидувала да ја деактивира со помош на робот.

Њујорк е особено посетен деновиве со стотици светски лидери и важни личности кои доаѓаат во градот заради Генералното собрание на ОН.

XS
SM
MD
LG