Линкови за пристапност

Боливија се закани дека ќе ја затвори американската амбасада


Претседателот Ево Моралес го обвини Вашингтон дека вршел притисок врз европските држави да не му дадат дозвола за прелетување преку нивниот воздушен простор

Боливискиот претседател Ево Моралес се закани дека ќе ја затвори американската амбасада во Ла Паз, во време кога јужноамериканските лидери се среќаваат во Боливија да му изразат поддршка по инцидентот кога неговиот авион беше приземјен во Европа поради сомневање дека на него бил најбараниот бегалец Едвард Сноуден.

Претседателите на Аргентина, Еквадор, Суринам, Уругвај и Венецуела имаат заедничка средба со Моралес во боливискиот град Кочабамба. Тие побараа извинување од Франција, Италија, Португалија и Шпанија затоа што одбија да дадат дозвола за прелетување на авионот на Моралес преку нивниот воздушен простор неделава.

Претседателот Моралес го обвини Вашингтон дека вршел притисок врз европските држави да не му дадат дозвола за прелетување. Неговиот авион беше принуден да слета во Виена, Австрија, во, како што рече, непочитување на меѓународното право. Тамошните власти го провериле авионот и кога увиделе дека Сноуден не е на него, му дозволиле на Моралес да го продолжи летот кон Боливија.

Боливискиот претседател беше на состанок во Русија и изјави дека ќе го разгледа барањето за азил за Сноуден.

Блумберг Њуз јави дека јужноамериканските шефови на држави се договориле да одржат уште една средба на 12 јули во Уругвај за понатамошна дискусија по прашањето.

Едвард Сноуден и натаму е далеку од окото на јавноста. Се верува дека се наоѓа во транзитната зона на Меѓународниот аеродром во Москва, и бара азил во една од десетина држави.
XS
SM
MD
LG