Боинг соопшти дека е при крај со комплетирањето на софтверот за надградба на сигурносниот систем на авионот „737 Макс“, за кој постои сомнеж дека бил причина за двете последни несреќи токму со овој авионски модел.
Извршните директори на компанијата Боинг во средата во Сиетл брифираа околу 200 пилоти и директори на авиокомпании, информирајќи ги дека е извршено опсежно тестирање на новиот софтвер.
„Ќе сториме се што можеме за да бидеме сигурно дека никогаш повеќе нема да се случат вакви несреќи“, рече потпретседателот на Боинг Инжинеринг, Мајк Синет. Тој додаде дека компанијата е „длабоко погодена од трагичната загуба на голем број животи“ во падот на авионот на „Етиопијан ерлајнс“ 737 Макс 8 пред две недели при што загинаа 157 лица. Друг авион од моделот Макс 8 се сруши во Индонезија во октомври, при што загинаа 189 лица.
Истражителите рекле дека забележале сличности во двете авионски несреќи и се сомневаат дека дел од системот на Макс 8 постојано го туркал предниот дел на авионот надолу, и покрај напорите на пилотите да ја задржат контролата.
Боинг соопшти дека новиот софтвер е дизајниран за да го надмине овој проблем.
Сепак, може да помине извесно време пред авионите 737 Макс 8 повторно да се вратат во воздух.
Федералните регулатори во САД мора да издадат одобрение за надградениот софтвер и за пилотската обука. Исто така, новата програма треба да биде инсталирана на секој авион поединечно. Одобрувањето од страна на регулаторите во други држави варира од земја до земја.
Боинг во средата соопшти дека нема потреба од поголем федерален надзор над начинот на кој се развиваат и произведуваат авионите.
„Авионот 737 е безбеден авион. Семејството на 737 е безбедно авионско семејство и 737 Макс во својата основа ја има историјата на безбедност која ја гледаме речиси 50 години“, рече Синет.
Facebook Forum