Линкови за пристапност

Блупринт групата се повлекува од изработката на новиот Кривичен законик


СКОПЈЕ – Блупринт групата во која членуваат седум невладини организации соопшти дека се повлекува од работната група и од изработката на новиот Кривичен законик поради измените во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за функционерите. Претставниците на Блупринт групата се на став дека нивното учество е беспредметно во постапка која суштински го озаконува незаконитото.

„Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции “ “, стои во соопштението на Блупринт групата.

Оттаму нагласуваат дека европското знаменце кое Владата го стави на измените во Кривичниот законик се злоупотреба и се намалува и онака исклучително ниската доверба кај граѓаните.

„Ова е дрска злоупотреба, се проба на мала врата да се протнат измените и навистина не е во ред“, изјави Александра Цветановска претседател на „Здружение на млади правници“.

Она што зачудува е што измените во Кривичниот законик се донесоа на почетокот на минатиот месец а новиот Кривичен законик во кој учествуваше Блупринт групата се очекува да биде готов до крајот на месецот.

„ Работната група овие денови ќе го затвори и по затварањето на финалниот текст ќе биде предаден во Министерството за правда а потоа во Владата. Очекуваме дека за помалку од еден месец и до крајот на октомври ќе биде финализиран текстот“, изјави Жарко Хаџи Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦИПА).

Блупринт групата претходно се повлече и од изработката на нацрт предлогот на Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.

„Доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме“, информираат од групата невладини организации.

Со измените на член 353 злоупотребите најавните набавки – тендерите се класифицираат речиси како лесно дело.

„Со измените кои се веќе на сила, последиците за жал граѓаните и оптешството ќе ги трпат. Враѓање од таа ситуација нема во однос на застарувањето на делата. Дополнително со новиот Кривичен законик најавени се измени да се врати крвичното дело за злоупотреба на јавните набавки но тоа ќе биде во иднина. Казните кои се прошишани сега се значително пониски, сега највисоката казна е пет години затвор. Согласно Законот за Кривична постапка се води скратена постапка, нема истраги во Обвинителството и суди судија поединец. Претходно запретената максимална казна беше 20 години“, изјави Ивана Петковска од коалицијата „Сите за правично судење“.

Во Блупринт групата за реформа на правосудството се Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права (МХК), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА), Институт за европска политика (ЕПИ) и Институт за човекови права (ИЧП).

XS
SM
MD
LG