Линкови за пристапност

Едноставен тест за откривање на туберколоза


Особено е корисен за пациенти со активна форма на заболувањето

Експериментален тест на крвта може да дијагностицира туберколоза кај луѓето, одвојувајќи ги оние со активна туберколоза, од оние со притаена форма на болеста. Тестот е полесен за употреба од сегашните методи за откривање на болеста на белите дробови и има потенцијал да резултира со третман на многу повеќе луѓе.

Годишно со туберколоза се заразуваат 9,6 милиони лица, а 1,5 милиони од нив, умираат. Останатите се носители на бактеријата во скриена форма, со постојана закана да премине во активно заболување.

Се проценува дека една третина од светското население е инфицирано со туберколоза, и активните случаи тешко се дијагностицираат.

Според имунологот Пурвеш Катри, постојат ограничувања во актуелниот тест за туберколоза што функционира со примерок на плунка, земена од респираторниот тракт на пациентот. И покрај тоа што дијагнозата дали има присуство на бактерија во слузницата е мошне точно, кај некои луѓе овој вид на тестирање е тешко да се изврши.

„Проблемот е во тоа што за тестот е потребен шлајм, а децата не можат да го искашлаат “, вели Катри.

Дополнително, традиционалниот тест не може да ги разликува пациентите со активна туберколоза, од оние коишто се опоравиле од болеста и оние кои примиле вакцина против туберколоза. Исто така, тешко е да се утврди туберколоза кај лицата заразени со ХИВ-вирусот кој предизвикува СИДА.

Како резултат, во 2014-та година Светската здравствена организација постави предизвик пред научниците да направат едноставен тест на крв за полесно дијагностицирање и разграничување на пациентите со завиена форма на туберколоза од оние со активна форма.

Катри и неговите колеги од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, го сторија токму тоа, креираа високо-прецизен тест, кој може да се користи во земјите со малку ресурси и каде новите случаи на заразени со туберколоза се честа појава.

Кога некој е инфициран со активна туберколоза, се поттикнува верижна реакција кај стотици гени. Најновиот тест идентификува три гени кои се најчесто одговорни за болеста да премине во активна форма.

Во студијата објавена во списанието „Лансет - Респираторна медицина“, научниците од Стенфорд извесуваат за резултати од тестови на крв на 1.400 пациенти. Тестот правилно дијагностицирал 85 проценти од примероците од деца со активна туберколоза и бил прецизен кај 99 проценти од случаите кадешто не постои активно заболување.

Катри вели и дека тестот може да се употреби и да се утврди дали пациентот реагира на препишаната терапија или не.

Следниот чекор е да се спроведе клиничко истражување во Бразил, за да е види како тестот функционира во реалниот свет со луѓе изложени на туберколоза.

XS
SM
MD
LG