Линкови за пристапност

Скопје под блокада: Автобуси на крстосниците, граѓаните заглавени во автомобилите или пеш по улиците


Бројни граѓани тргнаа пеш поради блокираните сообраќајници
Бројни граѓани тргнаа пеш поради блокираните сообраќајници

Според најавата од превозниците, блокадите низ градот остануваат сè додека не се најде заедничко решение со градските власти за долгот кој, како што тврдат приватните превозници, градот и ЈСП го имаат кон нив

Бројни жители на Скопје останаа заглавени со нивните автомобили на булеварите, откако од рано утринава приватните автобуски превозници ја почнаа најавуваната масовна блокада на градот.

Од шест часот изутрина, автобусите на здруженијата „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ ги блокираа крстосниците кај „Црвен крст“ и кај т.ц. „Мавровка“, како и дел од улицата „Илинденска“, на потегот од Зоолошката градина до фонатана кај Градскиот парк. Протестот, како што нагласуваат превозниците, е поради повеќемесечен долг кон нив од страна на ЈСП, а за чие работење е надлежен Град Скопје.

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, денеска рече дека приватните превозници им се извинуваат на граѓаните за непријатностите, при што посочи вината за блокадата да се бара кај градските власти.

„Блокадите ќе останат на постојните места сè додека не се седне на маса и не се најде решение согласно законот и одлуката на Град Скопје“, рече Јовановски.

Тој воедно упати директни критики до градоначалничката Данела Арсовска, посочувајќи ја за директен виновник за настанатата ситуација.

„Приватните превозници со неодговорниот однос на градоначалничката кон нив ја губат својата работа, не е исплатен долгот кон нив и со тоа неодговорно однесување систематски се нарушува и јавниот интерес. Не се работи само за долгот, не се работи само за некое приватно побарување кое може да се решава со тужби, тоа е предизвикано од едно неодговорно и можам да кажам уличарско однесување“, рече Јовановски.

Низ градот сообраќаат само автобусите на ЈСП, но поради гужвите нивните доцнења се значително долги
Низ градот сообраќаат само автобусите на ЈСП, но поради гужвите нивните доцнења се значително долги

Од Град Скопје веќе ги раскинале договорите со здруженијата за приватен автобуски превоз и најавија дека ќе распишат јавен повик за нови индивидуални договори со приватни превозници.

Градоначалничката Арсовска, минатата недела посочи дека долгот што го бараат превозниците е нереален и ги обвини дека не издавале фискални сметки за продадени билети во автобусите.

Низ градот сообраќаат само автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие, но поради настанатите гужви, нивните доцнења се значително големи, а патеките на движење низ градот им се значително изменети.

Во немањето друго решение за настанатиот сообраќаен хаос, бројни жители на Скопје денеска тргнаа пеш или со тротинети, велосипеди и мотори за завршување на дневните обврски во градот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG