Линкови за пристапност

Американскиот државен секретар денес сведочи пред Конгресот за повлекувањето на САД од Авганистан


Блинкен денеска сведочи пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, a утре ќе се појави пред Комисијата за односи со странство на Сенатот. 

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ќе сведочи пред конгресен панел што го истражува хаотичното повлекување на американската армија од Авганистан на крајот на дведецениската војна, најдолга во американската историја.

Опозициските репувликански законодавци и некои демократски колеги на претседателот Џо Бајден го нападнаа неговото раководење со повлекувањето на трупите, на американските државјани и илјадници Авганистанци кои работеле за американските сили како преведувачи и советници за време на војната.

Критиката особено беше нагласена откако 13 припадници на оружените сили загинаа во самоубиствен бомбашки напад на кабулскиот аеродром во последните денови на повлекувањето. Исламската држава - Корасан, авганистански огранок на терористичката група што оперира на Блискиот исток, ја презеде одговорноста за нападот.

Блинкен денеска сведочи пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом. Тој утре ќе се појави пред Комисијата за односи со странство на Сенатот.

Национални истражувања на јавното мислење покажуваат дека американските гласачи во голема мерка ја поддржуваат одлуката на Бајден за завршување на „вечната војна“ во Авганистан, но не и начинот на кој беше изведено повлекувањето.

Блинкен, врвен американски дипломат најверојатно ќе се соочи со тешки прашања за тоа зошто САД не го започнале повлекувањето на американските државјани порано, особено откако Бајден ја најави намерата во април, како исполнување на договорот што претходниот претседател Доналд Трамп го склучи со Талибан на крајот на војната.

Законодавците исто така го напаѓаа разузнавањето на САД што потфрлило во предвидувањето за брзо преземање на Авганистан од страна на Талибан и колапсот на авганистанската влада, со заминување на претседателот Ашраф Гани во Обединетите Арапски Емирати каде побара политички азил.

Републиканците велат дека сакаат да се фокусираат на работата на Бајден во последните денови на војната, додека демократите се надеваат да ги испитаат целокупните американски воени напори што биле под раководство на четворица претседатели - републиканските Џорџ в. Буш и Трамп, и демократските Барак Обама и Бајден.

Буш ја започна војната кон крајот на 2001 за да ја искорени ал-Каида од подрачјето каде што се обучува и од каде биле испланирани нападите на САД на 11-ти септември. Речиси 3.000 луѓе беа убиени во САД со користење на американски патнички авиони. 20-годишнината на нападите се одбележа во саботата.

Бајден повлекувањето го нарече „исклучителен успех“ и ја бранеше одлуката за завршување на војната во Авганистан, велејќи дека одговорноста за тоа нема да ја пренесе на петти американски лидер.

XS
SM
MD
LG